/ Прочитано:

1.345

Повторен обид за почеток на судењето за случајот „Пуч“. Јанева е подготвена за главната расправа

Како што истакна обвинителката Ленче Ристоска на вчерашната прес-конференција, СЈО е странка во постапката и текот на главната расправа не зависи само од него. „Доколку има услови за да биде одржана главната расправа, ние сме подготвени да започнеме со предметот ’Пуч’“, рече Ристоска.

Судење „Пуч“, пред аболицијата

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска ќе присуствува на главната расправа за случајот „Пуч“. Ова е прво рочиште откако беше донесена, а подоцна беше и укината аболицијата од страна на Претседателот на РМ.

Како што истакна обвинителката Ленче Ристоска на вчерашната прес-конференција, СЈО е странка во постапката и текот на главната расправа не зависи само од него.

„Доколку има услови за да биде одржана главната расправа, ние сме подготвени да започнеме со предметот ’Пуч’“, рече Ристоска.

Предметот „Пуч“ беше отворен од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а против поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, против неговата сопруга Соња, против Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица, против лидерот на СДСМ Зоран Заев и против Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР.

СЈО го презеде предметот, но сите рочишта закажани пред аболицијата беа одложувани на барање на Обвинителството поради дополнителен увид во доказите. Кривичниот суд му наложи СЈО да ги разгледува доказите директно во Судот, иако Апелациониот суд донесе решение со кое му дозволи на Специјалното јавно обвинителството да ги преземе на разгледување сите списи од предметот.

Шестообвинетиот, Звонко Костовски, се спогоди со Обвинителството и беше осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години за кривичните дела шпионажа, од членот 316 ст. 4 в.в со членот 24 од КЗ, и неовластено прислушување, од членот 151 ст. 4 в.в со ст.1, а во врска со членот 45 од КЗ.

Првообвинетиот, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, се товари за едно продолжено кривично дело – неовластено прислушување и тонско снимање, од чл. 151 ст. 4 в.в. со ст. 1, а во врска со чл. 23 и со чл. 45, потоа за кривичното дело шпионажа, од чл. 316 ст. 4 и за кривичното дело насилство спрема претставници на највисоките државни органи, од чл. 311 в.в со чл. 24 од Кривичниот законик.

Второобвинетиот, Ѓорги Лазаревски, е обвинет за едно продолжено кривично дело  – неовластено прислушување и тонско снимање, од чл. 151 ст. 4 в.в. со ст. 1, а во врска со чл. 23 и чл. 45 и за кривичното дело шпионажа, од чл. 316 ст. 4 в.в. со чл. 24 од Кривичниот законик.

Третообвинетата, Соња Верушевска, сопруга на Зоран Верушевски, се товари за кривичното дело шпионажа, од чл. 316 ст. 4 в.в. со чл. 24 од Кривичниот законик.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е четвртообвинет во случајот, се товари за кривичното дело насилство спрема претставници на највисоките државни органи, од чл. 311 в.в чл. 19 од Кривичниот законик.

Петтообвинетиот, Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица, се товари за кривичното дело насилство спрема претставници на највисоките државни органи, од чл. 311 в.в чл. 24 од Кривичниот законик.

М. С.

„Пуч“