/ Прочитано:

876

Повтореното судење против Хосни Мубарак стартува на 13-ти април

Понеделник, 4 март 2013 – Повтореното судење против соборениот египетски претседател Хосни Мубарак, неговите синови и најблиските соработници ќе стартува на 13 април – одлучи египетскиот Aпелационeн суд вчера, јави Ројтерс. Мубарак е соочен со обвинение за соучество во убиството на демонстрантите од 2011 година  и корупција.

Екс-претседателот на Египет, Хосни Мубарак беше принуден на оставка од војската на 11 февруари 2011 година откако на власт беше речиси 30 години. Подоцна тој беше уапсен и по десетмесечниот процес осуден на доживотен затвор. Судиите сметаа дека е докажана неговата вина како соучесник во смртта на повеќе од 800 демонстранти за време на 18-дневната револуција против неговиот режим на почетокот на 2011 година, но судот во Каиро ја укина првостепената пресуда и го врати судењето на повторно одлучување.

 84-годишниот Мубарак во притвор е  веќе две години и моментно се наоѓа во воена болница поради влошената здравствена состојба

Еден од адвокатите на одбраната, Мохамед Абдел го осуди датумот на повторното судење како политички мотивиран со цел да се задржи Мубарак во притвор.

– Поставувањето на 13 април како датум за повторното судење е политичка одлука бидејќи законското времетраење на притворот на Мубарак завршува на тој ден по што тој треба да биде пуштен на слобода додека повтореното судење не почне, изјави адвокатот Мохамед Абдел.

Заедно со Мубарак на повтореното судење за заговор за убиство на повеќе од 800 демонстранти ќе се појават и неговите двајца синови, поранешниот министер за внатрешни работи и шестмина од тогашното обезбедување.