Повторно апсења за криумчарење на мигранти
Среда, 19 јуни 2013 – Шест лица од Скопје, од кои еден малолетник, еден прилепчанец и уште едно лице со двојно македонско и албанско државјанство, заработија кривични пријави поради сомнение дека се занимавале со криумчарење мирганти од земјите од Блискиот исток и северна Африка кои имале желба да заминат за западноевропските земји.
Како што соопшти полицијата се работи за два одвоени случаи. Имено, во првиот случај на 13-ти јуни месец околу 3 утрината на автопатот Е-75 кај клучката Прдејци во општина Гевгелија, поточно кај исклучок кон селото Негорци, еден член од скопската група со автомобил „сеат толедо“ со скопски регистарски таблички прифатил за превоз седум возрасни мигранти и едно малолетно дете коишто нелегално влегле во Македонија од Грција. Додека, пак, со возило „опел астра“, исто така, со скопски регистарски ознаки, другите двајца од групата го надгледувале автопатот поради избегнување на полициска контрола, односно биле во улога на претходница.
Како што наведуваат од МВР, кога пријавените дошле во близина на селото Прдејци, непосредно пред свртувањето кон селото Негорци, „сеатот“ се исклучил од автопатот Е-75 упатувајќи се кон Негорци каде што била земена група од нелегални мигранти, пет државјани на Алжир, еден на Мароко и двајца сириски државјани.
По претходно преземени оперативно тактички мерки за набљудување и следење на движењето на сомнителните возила од страна на полициски службеници од одделот на пограничниот премин Богородица биле забележани споменатите возила како во повеќе наврати се движеле на делницата од автопатот Е-75 од Смоквица до Прдејци и обратно, по што од страна на полициски службеници во 03,20 часот на 13-ти јуни при обидот да биде контролирано возилото со кое управувал С.С. на магистралниот пат Гевгелија-Скопје на оддалеченост од околу 500 метри пред паркингот кај скршнување кон селото Милетково со истиот го напуштил возилото и се дал во бегство, оставајќи ги мигрантите од кои дел се пронајдени во возилото а дел се приведени дополнително.
Со пријавените се извршени разговори и тоа со првопријавениот во присуство на социјален работник од центарот во Гевгелија затоа што по кажување на самиот е малолетен и не е внесен во единствениот систем на матична евиденција на граѓани во Македонија.
Возилата се одземени, а на тројцата скопјани од страна на Истражен судија им е дредена мерка притвор во траење од по 30 дена. Мигрантите, пак, се сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје.
Во вториот случај, според документираните сознанија на истрагата веќе следниот ден на 14-ти јуни, други тројца скопјани по претходен меѓусебен договор за превезување помала група мигранти од Скопје дошле во Гевгелија каде во близина на село Богородица преземале четворица авганистански мигранти, кои се пронајдени во автомобил „мазда” со битолски регистарски таблички. Третопријавениот во овој случај со автомобил „мазда 626″ со скопски регистарски таблички го проверувал автопатот поради избегнување полициска контрола. Турата ја договорило едно лице од групата со засега неидентификувано лице од Куманово и требало да ги преземат мигрантите од Богородица и да ги пренесат до Скопје.
Во Гевгелија стигнале околу пладне минатиот четврток, а потоа се упатиле кон селото Богородица, по што телефонски контактирале со непознатиот кумановец кој им рекол да чекаат натамошни инструкции, и тие чекале пред селската продавница, кога за кратко време им пришол црно момче со куса и потоа сите тргнале кон излезот на селото, а еден од нив останал пред селската продавница.
Во близина на каналот од големите трски излегле четири лица мигранти од Авганистан, кои ги ставиле патните торби во багажникот и се сместиле на задното седиште од возилото. За услугата веднаш им наплатиле по 100 евра од човек или вкупно 400 евра и и потоа стапиле во контакт со својот соработник кажувајќи му каде ќе го пречекаат и по споредни патишта излегле на регионалниот пат Гевгелија Скопје-Е 75 тргнувајќи кон Скопје.
Еден од нив и во овој случај возел како претходница, а зад него второто возило со мигранитете, а биле во постојан телефонски контакт Околу 19,15 часот од страна на полициски службеници од полицијата во Демир Капија кај местото Арсова Лака при рутинска контрола двете возила биле запрени, а мигрантите почнале да бегаат кон блискиот рид, но биле фатени и приведени во полицијата во Богородица.
Пријавените се лишени од слобода и Истражен судија од Основен суд 1 Скопје на тројцата им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека лицата мигрантите се сместени во Прифатен центар во Скопје.
Против извршителите на организираното нелегално превезување на странски мигранти преку територијата на Македонија, поднесени се кривични пријави за дело криумчарење мигранти против 38-годишник со двојно државјанство, на Македонија и на Албанија, и 33-годишник од Прилеп.
Двајцата во неделата, 16-ти јуни, 7 часот наутро, во близина на селото Полчиште прилепско, со патничко возило за паричен надомест од 130 евра прифатиле албански државјанин, кој претходно илегално влегол во Македонија од Грција, и го однеле во близина на граничниот премин „Ќафасан”, од каде тој пеш илегално заминал во Албанија. За околу еден час, албанскиот државјанин повторно илегално влегол во Македонија заедно со уште еден албански државјанин, од каде биле преземени до двајцата сега пријаени, а откако пристигнале во Прилеп, имале намера со такси возило илегално да заминат повторно во Грција, соопштуваат од МВР.
Истражен судија на двајцата им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена.
Македонската полиција во неделата потврди дека открила организирана криминална група која во подолг временски период вршела криумчарење мигранти од Грција, преку Македонија во Србија од каде истите понатаму илегално се пренесувани до заподноевропските земји.