Повторно пресечен патот на возилото на српскиот претседател Николиќ – нови сомнежи дека се работи за атентат
Четврток, 22 ноември 2012 – Возач на Шкода без регистерски таблички, вчера во Белград во неколку наврати се обидувал да ја пресече колоната возила во која се наоѓал српскиот претседател Томислав Николиќ, пишува српскиот магазин „Блиц“. Како што наведуваат, информацијата е потврдена и од тамошното Министерство за внатрешни работи.
Според информациите на „Блиц“, обезбедувањето на Николиќ се обидело да го запре возачот, но тој успеал да им побегне. Српската полиција соопштила дека не знаат дали се работи за дрзок возач или инцидентот бил последица на големиот сообраќаен метеж во Белград, но по непознатото лице интензивно се трага.
Ова е втор пат овој месец, возило да се обиде да ја пресече колоната во која се наоѓа српскиот претседател. Имено, на почетокот на месецот имаше уште еден сличен инцидент кога џип на висок функционер на српското Министерство за внатрешни работи со своето службено возило налета на колоната од возила што го пратеше претседателот Николиќ и неколку пати им го пресече патот. Возачот негираше дека сакал претседателското возило да го исфрли од патот. Иако српските медиуми шпекулираа дека се работи за атентат, од претседателскиот кабинет ја негираа оваа информација.