Повторно протест пред Општина Центар — полициски кордон ги штити советниците
Понеделник, 10 јуни 2013 – Повторно искршени прозорци на општинската барака на Центар, урната е и оградата – ваква е отприлика сликата откако неколку стотици демонстранти предводени од граѓанската иницијатива „Веритас“ денеска повторно се собраа на протести пред Општина Центар, а успеаја и да влезат службените простории.
Демонстрантите беа извлечени со полициска асистенција, а со кордон од специјалци се штити безбедноста на советниците кои ја започнаа седницата што беше прекината во минатиот петок.
На дневен ред на седницата е Предлог-одлуката за ставење надвор од сила на измените на Деталниот урбанистички план за „Мал ринг” од 28.6.2012, за кои учесниците во протестот сметаат дека ќе иницира прекинување на изградбата црквата Св. Константин и Елена. Градоначалникот Андреј Жерновски, пак, во неколку наврати повтори дека предмет на седницата не е црквата и дека се‘ што е почнато со изградба ќе биде завршено. Според него, граѓаните се изманипулирани и искористени.
Од општината ги демантираат шпекулации дека во обидот да се запоседнат општинските простории е повредено едно лице.