/ Прочитано:

816

Позната обвинителка, млад судија и веќе видена одбрана – преку лупа ќе се гледаат сите дамки во случајот „Монструм“

Среда, 19 декември 2012 – Добро позната обвинителка, млад судија, веќе видена одбрана и обвинети за тероизам, случајот „Монструм“ утре влегува во судница. Петкратното убиство и истрагата што следуваше по него ги вжешти меѓуетничките тензии.  Со оглед на страстите и емоциите за овој случај што ја брануваа јавноста, странките во постапката и судскиот совет ги чека голема одговорност додека си ја вршат работата  под лупата на медиумите и меѓународната заедница. 

Додека одбраната ги негира доказите и најавува цврсти алиби на сите обвинети, обвинителството ќе нападне со 6 сведоци и уште еден заштитен сведок, транскрипти од ауди записи, листи на појдовни и дојдовни повици на мобилните на обвинетите, запленето возило.

Одлуката дали обвинетите се терористи ќе ја донесе Ивица Стефановски, важи за млад и амбициозен судија кој од неодамна суди во организиран криминал. Со преку 20 камери и фотоапарати, преку 30 гладни новинари за текот на судењето Стефановски треба да го започне судскиот процес. Со оглед на сложеноста и чувствителноста на овој предмет меѓу новинарските кругови се слушаат за две варијанти, фијаско на судијата и евентуална парада или можна врата за успешна и плодна кариера.

Десно од судијата ќе седне Гордана Гешковска, добро позната обвинителка по тоа што се справува со организиран криминал, иако нејзината пракса како и на останатите обвинители е што подалеку од објективите на медиумите. Во случајот „Пајажина“ погреши за 1,5 милиони евра, па со месеци не се знаеше за колку милиони Велија Рамковски го оштети државниот буџет. Во аферата со хотелот „Изгрев“ ја обвинуваа дека е во игра со полицијата, поради тоа што скопска Апелација ја укина затворската казна, а Вишото обвинителство потврди дека не е издржан актот, сепак обвинителката остана на истото обвинение. Правната јавност ја препознава и од мега скандалот наречен „Бачило“. Во 2008 година беше разрешена од Одделот за борба против организиран криминал, потоа повторно ја врати Советот на јавни обвинители. Според нејзините досегашни борби да го докаже организираниот криминал, од нејзе се очекува вистинска борба за да ги прати обвинетите за тероризам на доживотна робија.

Другата странка во постапката е Насер Рауфи, скопски адвокат, на јавноста веќе познат од случајот „Пајажина“ кој беше адвокат на Рамковски доделен по службена должност. Рамковски јавно покажуваше незадоволство од одбраната на Рауфи, додека тој пак за време на рочишта молчеше како риба. Важи за адвокат кој отворено зборува со медиумите, а таа можност особено ја искористи откако стана бранител на обвинетите во „Монструм“. Новинарите ги почести со евентуално алиби кој го имале сите обвинети, повторувајќи се дека обвинителството нема докази.

Во постапката ќе се докаже дали обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се терористи и на 12 април 2012 година во очи на најголемиот христијански празник со цел да создадат страв кај граѓаните на РМ, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро.

27 годишниот Алил Демири од Арачиново кој е во бегство, а во неколку наврати неговото семејство велеше дека е во Шпанија и дека ќе се врати за да докаже дека е невин, пред почетокот на процесот, МВР се уште нема информации каде се наоѓа.

Африм Исмаиловиќ (31) од Синѓелиќ исто така е во бегство, додека неговиот 32 годишен брат Агим пред истражен судија се бранел со молчење. Фејзи Азири (54) е чичко на обвинетиот Хаки Хазири, а вујко на Демири, исто така тој поседувал концесија за местото околу Смилковското езеро. Пред истражен судија ги потврдил семејните врски со обвинетите, но ги отфрлил сите обвиненија. Сејди Рами (24) рекол дека ги познава браќата Исмаиловиќ и Демири, но негирал дека е поврзан со петкратното убиство. Хаки Хазири кој во истражната постапка го загуби статусот на заштитен сведок, најмногу од сите зборувал пред истражниот судија. Објаснил дека ги возел обвинетите, но не бил запознаен дека се случило убиство и дека тие се директните убијци.


Автор: Паула Божиновски