/ Прочитано:

2.679

Познавањето на проблематиката на работните односи е неизоставен дел од кариерата на еден правник – адвокат Јане Илијески

Познавањето на проблематиката на работните односи остава добар впечаток кај работодавачот

Процесот на практична едукација во областа на работните односи им дава на студентите по право појдовна точка за самостојно извршување на работните задачи од соодветната област, вели за Академик адвокатот Јане Илијески, кој ќе биде предавач на практичните обуки за студенти од областа на работните односи во организација на Академик.

Многу е подобар впечатокот на работодавачот кога младиот правник кој штотуку е ангажиран има капацитет самостојно да извршува работи од областа на работните односи, како што се: составување договори за вработување, пријава и одјава на работници, комуникација со државни органи од оваа област итн.

Адвокатот Илијески нагласува дека правникот кој има практични познавања многу полесно ги совладува иницијалните работни предизвици, станува помотивиран за работа во конкретната област и создава капацитет за свое понатамошно надградување и искачување по скалилата на кариерата.

„Досегашните искуства покажуваат дека во Република Македонија процесот на практично обучување на правниците фактички започнува дури откако тие ќе го завршат факултетот, односно откако ќе започне нивниот работен или приправнички ангажман. Истовремено, недостасува практична едукација во периодот на академското образование на младите правници, иако таа е од особено значење за успешно започнување на нивната кариера. Оттука, секое учество на настан на кој студентите имаат можност да стекнат дополнителни практични знаења за нив претставува бенефиција и влог во нивната кариера“, истакнува Илијески.

Потребно е секој правник да има  практични познавања од областа на трудовото право

Проблематиката на работните односи, посочува адвокатот Илијески, може да биде помалку или повеќе присутна, но генерално е неизоставен дел од кариерата на еден правник, независно од тоа дали неговиот ангажман е во областа на адвокатурата, во трговско друштво, во орган на управата или во орган на правосудниот систем.

„Значи, потребно е секој правник да има основни практични познавања на проблематиката на работните односи. Доколку еден млад правник има намера и цел да се профилира себеси како правник со познавања од областа на трудовото право и работните односи, неопходно е да навлезе што е можно подлабоко во конкретната проблематика. Ова опфаќа не само добро познавање на нормативните елементи на конкретната област, туку и практични знаења, кои најдобро се стекнуваат преку учество на обуки, семинари и конференции, комуникација со лица кои работат на таа проблематика и, секако, преку континуирана практична работа уште од првиот ден од работниот ангажман“, вели Илијески во врска со прашањето за предноста од практичната едукација за работните односи и можностите што се отвораат на пазарот на труд во таа смисла.

Познавањето на трудовото право и проблематиката на работните односи е предност и за вклученост на пазарот на труд

Адвокатот додава дека совладувањето на проблематиката на работните односи, како од нормативен така и од практичен аспект, е отворен и континуиран процес чиј тек зависи од повеќе фактори, како што се: нормативната активност на законодавецот, активностите на синдикатите и организациите на работодавачи, соодносот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, судската практика итн.

„Како почетна точка за практична едукација на студентите на претстојната обука на Академик го определивме договорот за вработување како основа за воспоставување на секој работен однос и како документ кој има централна позиција во трудовото право. Сметам дека познавањето на нормативните и на практичните аспекти на договорот за вработување е основен предуслов за отпочнување со кариерата на еден млад правник, независно од тоа дали фокусот на неговата работа ќе биде ставен на трудовото право или на некоја друга правна област.  Понатаму, со цел студентите да добијат поцелосна слика во однос на правните основи за ангажман на лица за извршување на определени работи, практичната едукација би требало да ги опфати спецификите и на договорите кои се помалку или повеќе сродни со договорот за вработување и кои се доста присутни во практиката, како што се: менаџерските договори, договорите за дело, договорите за волонтерски и приправнички стаж итн. Ова секако не е затворена листа и таа треба да се надополнува во зависност од потребите и интересите на студентите, намерите за нивно профилирање во конкретната област, нормативните текови во трудовото право, состојбите на пазарот на труд и останатите релевантни фактори“, истакнува адвокатот Јане Илијески.

Академик организира практични обуки за студенти од областа на работните односи

М.В