/ Прочитано:

849

Праксата на „телефонско правораздавање“ мора да остане зад нас – министерката за правда до идните судии и обвинители

Денеска во Врховниот суд на Република Северна Македонија се одржа Свечена церемонија по повод доделувањето на уверенијата на шестата генерација завршени кандидати за судии и јавни обвинители во Академијата за судии  и јавни обвинители „Павел Шатев“.

„Бидете независни и потчинети само на законите. Не слушајте ничии инструкции и не дозволувајте ничие незаконито влијание, ниту од законодавната власт, ниту од извршната власт, ниту од која било политичка партија, ниту од медиумите, ниту од судскиот или јавнообвинителскиот менаџмент. Праксата за ‘телефонско правораздавање’, местење судски пресуди или обвиненија, за кои можевме да слушаме во нелегално прислушуваните материјали, мора да остане зад нас“ – им порача на кандидатите министерката за правда, Рената Дескоска.

На кандидатите таа им порача и да не дозволуваат влијание од никого, да не потпаѓаат под притисок и да не го менуваат значењето на правилата онака како што тоа им одговара на лицата кои се засегнати од правилата, и при утврдувањето на фактите да не бидат под влијание за размислата за целисходност.

Таа посочи дека кандидатите за судии и јавни обвинители треба да ги почитуваат процесните и материјалните права на учесниците во постапката, и дека притворот не треба да биде казна, туку само мерка за обезбедување на присуство која се бара и се изрекува само кога е нужно и кога постои основано уверување дека другите мерки нема да бидат доволни.

„Кога ќе бидете избрани на своите функции, државата ќе ви даде моќ, моќ која треба да ја користите умно и во рамките на законот. Не дозволувајте таа моќ да ве заслепи. Не дозволувајте таа моќ да ве стави во искушение бидејќи граѓаните кои инвестирале во вашето образование од вас очекуваат да бидете на браникот на борбата против корупцијата, а не да паднете под искушението на коруптивното однесување“, истакна Дескоска.

Доделени дипломите на кандидатите за судии и обвинители на шестата генерација во почетната обука на Академијата

М.В