Практичен водич на Европскиот суд за човекови права преведен на македонски јазик

Вторник, 23 април 2013 – Германската фондација за меѓународна правна помош (ИРЗ) во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, Народниот правобранител и Адвокатската комора на Република Македонија, денеска со почеток во 12 часот на Скопскиот саем ќе ги промовираат публикациите „Практичен водич за критериумите за допуштеност на жалбите пред Европскиот суд за човекови права“ (ЕСЧП)  и  „Европско право“.

Станува збор за практичен водич кој во заедничка соработка го објавуваат Европскиот суд за човекови права и Советот на Европа, а кој беше преведен на македонски јазик од страна на Германската фондација за меѓународна правна помош во рамки на соработката која ја има Фондацијата со Советот на Европа.

Целта на преводот на македонски јазик е зголемување на квалитетот на жалбите од ЕСЧП со што ќе се подобри ефикасноста на правната заштита на граѓаните. Практичниот водич содржи корисни информации во однос на можностите за правна заштита пред ЕСЧП и судската практика на овој суд во врска со прашањата кои се однесуваат на критериумите за допуштеност.

Покрај промоцијата на оваа публикација ќе биде претставено и новото македонско правно списание „Европско право” кое го издава Фондацијата ИРЗ, со цел да се даде поддршка на Република Македонија при трансформацијата на нејзиниот правен систем во функционална правна држава со ориентација кон континенталното европско право. Списанието содржи информации за европското право и неговата хармонизација со националното право, како и низа поединечни теми од европското право кои многу тешко можат да се најдат преведени на македонски јазик.

Промоцијата ќа ја отворат германскиот амбасадор Гудрун Штајнакер, регионалниот проектен раководител при Фондацијата ИРЗ за Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Црна Гора, Штефан Пирнер, народниот правобранител на РМ, Иџет Мемети, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска и претседателот на Адвокатската комора, Никола Додевски.

На промоцијата, македонскиот судија при Европскиот совет за човекови права, Мирјана Лазарова Трајковска ќе има излагање посветено на темата „Значењето на судската практика на Европскиот суд за човекови права за правната држава во Република Македонија“.

Македонското правно списание „Европско право“ ќе биде презентирано од Александар Љ. Спасов, асистент на теоретски правни науки и на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.