/Прочитано:

902

Практикантската работа законски ќе се регулира – МТСП подготвува нов Закон за практикантство

Во Република Македонија прашањето на практичната работа не е законски уредено, поради што младите лица имаат реален проблем во стекнување на практични искуства заради полесно вклучување на пазарот на трудот.

„Со Предлог-законот за практикантство законски ќе се уреди прашањето на реализација на практикантската работа на невработените лица, со што ќе се создадат услови и можности за стекнување на работно искуство на младите невработени лица во насока на зголемување на вработливоста и подобар пристап до вработувањето. Со тоа ќе се даде јасна и разбирлива рамка на невработените лица и работодавачите кои сакаат да се вклучат во практикантската работа со соодветни механизми за заштита“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Потребата од донесување на Закон за практикантство ја нагласуваат и од компаниите. На почетокот на оваа година на настанот со наслов„Дискусија на тема практикантство: потреби, искуства и предлози“, организиран од Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис-регулатива, беше посочено дека практикантската работа во моментот е регулирана само преку законите за средното и за високото образование и дека има потреба од донесување на Закон за практикантство со кој би се регулирале условите под кои треба да се развива овој сегмент.

Од стопанските комори во Македонија посочија дека еден од проблемите со кои се соочуваат е токму непостоењето на посебен Закон за практикантство, како и начинот на кој во моментот е регулирана практикантската работа во државата.

„Главниот проблем произлегува од тоа што практикантската работа во моментот е регулирана само преку законите за средното и за високото образование, каде што е задолжителна, а во сегментот на работните односи не е конкретно регулирана и со самото тоа се отвора можност за злоупотреба и за неусогласеност од двете страни. Треба да се разграничат условите под кои ќе се развива практикантството, вели Тамара Тодоровска од „ЕПИ ЦЕНТАР интернационал“.

ДИСКУСИЈА ЗА ЗРО И ПРАКТИКАНТСКАТА РАБОТА: Се подготвува нов Закон за практикантство

М.В