/ Прочитано:

2.974

ПРАКТИКИ И ЗАБРАНИ ШТО ТРЕБА ДА СЕ УКИНАТ – доц. д-р Драги Рашковски укажува на нормативните парадокси

Неуставно и незаконски е автомобилите што се креваат од страна на пајак-службата да се држат затворени во просториите на градските паркинзи сѐ додека сопственикот на автомобилот не ја плати сумата за пајак-услугата. Да престане практиката заклучоците од советувањата на Комората на извршители и нотари да бидат над законите.Да се укине забраната за продажба на алкохолни пијалаци по 19:00 часот од причина што таа не е од апсолутен карактер, туку само алкохолот е поскап да се купи во ресторани и барови, дел од праксите и забраните кои треба да се укинат, смета доц.д-р Драги Рашковски.

akad 4

Неуставно и незаконски е автомобилите што се креваат од страна на пајак-службата да се држат затворени во просториите на градските паркинзи сѐ додека сопственикот на автомобилот не ја плати сумата за пајак-услугата. Ваквата практика на пајак-службата е противуставна бидејќи му го ограничува правото на сопственост на сопственикот на автомобилот на кого му е оневозможено владението над возилото. Парадоксалноста на ваквата практика е што поради различни причини возило кое вреди неколку илјади евра може да биде држено „заробено”, а неговиот сопственик да нема средства да ја плати сметката за пајак-службата. Со ова пајак-службата врши присилна наплата на долг без судска одлука, а таа нема такво овластување. Затоа е потребно носење на измени и дополнувања на подзаконските акти со кои ќе се укине ваквата практика. Истото се однесува и на поставување на т.н. канџи на тркалата на возилата кои се паркираат на обележани паркинг-места без да платат за паркинг. Со ова се загрозува уставно гарантираното право на слобода на движење. Налепниците што се ставаат на стаклата на возилото кога е паркирано на обележано паркинг-место се доволен индикатор за возачот да ја уочи својата грешка и да прочита дека треба да ја плати својата казна во определеното место. Со поставување канџи се ограничува неговото слободно движење поради неплатена сума (која е околу 1 000 денари). Истата таа сума градските паркиралишта можат да ја наплатат по законска процедура доколку не ја плати сопственикот на возилото доброволно. Компаративно на ова би било, на пример доколку не платите за мобилен телефон, вработени во мобилните оператори да дојдат додека зборувате по улица и да ви го земат мобилниот и да не ви го дадат додека не платите.

Да престане практиката заклучоците од советувањата на Комората на извршители и нотари да бидат над законите. Граѓаните и оние што се добри познавачи на правото секојдневно наидуваат на нелогичности при комуникација со нотарите и извршителите бидејќи од нивна страна добиваат објаснување: – тоа е став на извршителите или нотарите. Советувањата што ги имаат овие служби се од советодавен карактер и нивните заклучоци не можат да бидат задолжителни за граѓаните. Затоа оваа практика мора да престане, а со цел да се исполнат барањата на овие комори, тие ќе добијат правна можност да бидат овластени предлагачи и овластени баратели на автентично толкување на законски и подзаконски акти кон Собранието на РМ за прашања кои исклучиво се однесуваат на нивната дејност.

Секој инвеститор на градежен објект што се гради за комерцијални цели задолжително да има поставено табла на која со прецизни рокови ќе бидат определени фазите на реализација на градежните работи, при што во случај на непочитување на дадените рокови, да следуваат казнени парични санкции поради продолженото вознемирување од градежните активности на околното население. Истото да се однесува и при градење или реконструкција на патна инфраструктура, кога се јавува како инвеститор државата или локалната самоуправа, бидејќи сѐ почеста е практиката кратки делници да се градат и по неколку години.

За одредени сообраќајни прекршоци, како на пример поминување на црвено светло или возење со брзина поголема за 50 километри на час повеќе од дозволената, да биде пропишано задолжително добивање, покрај парична казна, и казнени поени. Ова е поради неколку причини:

– поминување на црвено е сообраќаен прекршок кој не се прави ненамерно, туку оној што го врши е крајно свесен што прави, а со тоа го става во исклучителна опасност животот на другите

– возењето со голема брзина е исто така намерен прекршок.

Поради тоа, сметам дека не може вакви прекршоци некој да си ги купи со пари, бидејќи ова е еден вид на обид за убиство, па компаративно би било многу нехумано да може обидот за убиство да си го платите со пари.

Да се укине забраната за продажба на алкохолни пијалаци по 19:00 часот од причина што таа не е од апсолутен карактер, туку само алкохолот е поскап да се купи во ресторани и барови. Паради тоа, само дополнително се оптоварува буџетот на граѓаните, а целта не се постигнува.

Каматата што се наплаќа од работодавците за ненавремено исплатени плати и придонеси да не оди на сметка на државата туку да ја добива оној што ја заслужува – работникот. Оваа законска норма е класичен пример за НЕОВЛАСТЕНО ЗБОГАТУВАЊЕ. Како може државата да се збогатува со тоа што некој не ги зел заработените пари навреме?

Електронскиот систем за е-аукции кој е донација од УСАИД наместо услужна апликација стана средство за правење пари. Имено, одржувањето на таквиот систем не чини речиси ништо и тој е една обична вордпрес апликација. Во првите 2-3 години користењето на системот беше бесплатно, за во последните 2-3 години да се плаќа годишна ЧЛЕНАРИНА од 4 000 денари. На Системот доколку има 10 000 субјекти кои сакаат да учествуваат на јавните тендери, тоа за државата би значело 40 000 000 денари годишно, средства што државата без основа и непотребно ги зема од правните субјекти, а некои од нив и ги одвраќа да учествуваат…Усогласување на законските и подзаконските правни норми.

Прочистување на Избирачкиот список – метод во кој сите ќе учествуваат и на кој сите ќе му веруваат – ДОЦ. Д-Р ДРАГИ РАШКОВСКИ

Правно-технолошките откритија на Драги Рашковски — Од наградената електронска гласачка кабина до попис на населението

M.В / veljanoskim@akademik.mk