/ Прочитано:

5.894

Прашање за доверба на Владата

 На денешната 42 седница на Собранието на РМ пратениците ќе расправаат за  прашањето за доверба на Владата на Република Македонија. Прашањето за доверба на Владата на Република Македонија е поднесено од пратениците Драган Данев, Горан Манојлоски, Драган Цуклев, Даниела Рангелова, Ане Лашкоска, Лилјана Кузмановска, Зоран Ѓорѓиевски, Зоран Илиоски, Весна Дамчевска-Илиевска, Никола Мицевски, Иван Иванов, Јохан Тарчуловски, Никола Попоски, Борис Змејковски, Трајко Вељаноски, Крсто Јовановски, Емил Димитриев, Владимир Ѓорчев, Панчо Минов, Лилјана Затуроска, Ванковер Манчев, Весна Пемова, Емилија Александрова, Благоја Деспотоски, Жаклина Пешевска, Павлинче Честојнова, Благица Ласовска, Нада Ципушева, Слаѓана Митовска, Магдалена Манаскова, Невенка Стаменковска, Трајчо Димков, Дафина Стојаноска, Зеќир Рамчиловиќ, Елизабета Канческа-Милевска, Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Димитар Стевананџија, Васил Пишев, Никола Груевски, Нола Исмајлоска и Иван Стоилковиќ.

Во прашањето за доверба на Владата пратениците велат дека Владата не направила ниту една реформа, туку само успеала да ги партизира институциите, да отпушта луѓе од работа и да ги распродаде националните и државни интереси.

Пратениците, исто така, посочуваат дека Владата води катастрофални економски политики и врши злоупотреба на правосудниот систем за политички реваншизам. Поминува  неказнето рекетирањето врз граѓаните и аферите во внатрешните работи и има стопирање на значајните реформи во образованието, партизирање на одбраната, хаос во здравствениот систем, манипулации со земјоделците,  уназадување на културата, скандали и негрижа во социјалната политика, негрижа за младите и најранливите категории граѓани. Кршењето на Уставот и законите, се посочува во прашањето за доверба на Владата, станаа пракса.

Во членот 92 од Уставот на Република Македонија е пропишано дека Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието и Собранието може да изгласа недоверба на Владата.

Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба.

Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.

М.В