/ Прочитано:

4.512

Пратенички поднесоа Предлог-закон за измени на Законот за работните односи и продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци

Пратеничките Нола Исмајловска и Магдалена Манаскова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија поднесоа Предлог-закон за изменување на Законот за работните односи.

Основна цел поради која се предлага донесувањето на овој закон, нагласуваат пратеничките во законското образложение, е пред сè, заштита на психофизичкото здравје на бебињата, со продолжувањето на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, со што ќе се овозможи неопходен правилен раст и развој на бебињата.

„Измените на ова законско решение ги поднесуваме како поддршка на граѓанската иницијатива за продолжување на породилното отсуство, која беше доставена од страна на овластен предлагач во Собранието на Република Македонија, но за жал, оваа иницијатива беше отфрлена како неуредна од страна на парламентарното мнозинство, со што се пропушти можноста за дебата преку јавна расправа. Доколку политичките партии во Собранието имаат волја да се продолжи породилното отсуство, тогаш лесно ќе изнајдеме решение и ќе покажеме дека техничките грешки не смеат да претставуваат основа за неприфаќање на иницијатива со која граѓаните се обраќаат до нас самите како нивни претставници“, се вели во предложеното законско решение.

Како предлагачи на Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи, се вели понатаму во законското образложение, во целост се согласуваме со делот од текстот од граѓанската иницијатива:

Подносителите на таа иницијатива сметаат дека состојбата со која се соочува секоја мајка е иста, периодот на породилното отсуство е недоволен за да се создаде здрав психофизички развој на бебето. Со измената на Законот за работните односи, односно со продолжување на периодот на породилното отсуство ќе се решат многу проблеми со кои се сретнуваат мајките. Имено, сметаат дека е погрешно да се гледа на градинките како место број еден во растењето на децата. Дополнително, дел од мајките се обраќаат за помош кај свои блиски роднини или пријатели, или пак ангажираат дадилки, но не сите може да си го дозволат тоа. Затоа многу се принудени да ја одберат градинката. Често таму ги пресретнува полна воспитална каде што е невозможно една или две воспитувачки да се посветат на бебето“.

 Факт е дека за зголемување на наталитетот на државата, се вели во законското образложение, не се потребни само добра волја и ентузијазам, потребни се и конкретни средства за тоа да се спроведе на дело.

„Ако земеме колку во просек чини одгледувањето дете, состојбата со иницијативата ќе стане појасна. Огромен проблем со кој секојдневно се соочуваат мајките кои ги оставаат децата на несоодветна возраст во градинките е болната разделба. Со продолжување на периодот на породилното отсуство, илјадници деца ќе бидат среќни и ќе растат со чувство на сигурност и илјадници мајки ќе бидат благодарни затоа што државата застанала зад нив и зад здравјето на нивните деца. Важно е да се напомене дека жените мајки кои заминуваат на патолошка бременост, по раѓањето на своето бебе, имаат само 6 до 7 месеци да поминат со него пред да се вратат на своето работно место. Уште еден проблем со кој се соочуваат мајките е доењето. Паузата што законски им следува од час и половина најчесто не е доволна бидејќи повеќето живееме барем половина час оддалечени од своето работно место. Затоа со прифаќање на овој предлог-закон ќе се зголеми должината на породилното отсуство на 18 месеци, при што паузата од час и половина за мајката родилка веќе нема да биде потребна“, се истакнува во законското образложение.

Текстот на Иницијативата за продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци и предложените измени на ЗРО

М.В