Пратеник на неофашистичката партија Златна зора ослободен од обвинение за напад на студент
Петок, 8 март 2013 – Поради недоволно докази, атински суд го ослободи пратеникот на неофашистичката партија Златна зора Илиас Касидиарис од обвинение за напад на студент.
Касидиарис беше обвинет дека бил дел од петчлена група која во 2007 година нападна студент кој беше претепан и прободен со нож, а му била украдена и личната карта.
Додека пратеникот на Златна зора негираше секаква вмешаност во инцидентот, сведок тврди дека напаѓачите по инцидентот избегале со автомобилот на Касидиарис.
За скандалозноста на Касидиарис зборува и тоа што неговиот портпарол во јуни минатата година беше уапсен поради напад на две парламентарки за време ток-шоу кое што се пренесуваше во живо на грчката телевизија ANT-1.