/ Прочитано:

1.186

Пратеници предлагаат Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да има и заменик-директор

Група пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието предлагаат измени на Законот за класифицирани информации, кој е на дневен ред на собраниска седница.

Во Законот за класифицирани информации за спроведување на утврдената политика за заштита на класифицираните информации и меѓународните стандарди, за реализирање на размената на класифицирани информации во согласност со меѓународните договори, за вршење инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите на овој закон и другите прописи од областа на класифицираните информации, како и за вршење на други работи утврдени со овој закон, се основа Дирекција за безбедност на класифицирани информации. Со Дирекцијата, во член 66 на овој закон, предвидено е да раководи директор на Дирекцијата.

„Со овој Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации се предлага допрецизирање на одредбата, односно се предвидува во Дирекцијата покрај директор, Владата на Република Македонија да именува и разрешува и заменик на директор, услови кои ќе биде потребно да ги исполни заменикот на директорот, како и неговите надлежности. Целта на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации е да се овозможи директорот на Дирекцијата да има заменик со што ќе се овозможи поголема ефикасност и успешност во работата на Дирекцијата“, се вели во законското образложение.

M.В