/ Прочитано:

1.649

Пратениците образложуваат дека ги користат своите возила за службени цели поради неадекватен јавен меѓуградски превоз

Пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието ги поднесоа предлог-измените на Законот за пратениците и на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Потребата од предложените измени е во насока на намалување на трошоците од државниот буџет, постигнување одредени заштеди на буџетските финансиски средства и спречување евентуални злоупотреби во трошењето на народните пари.

„Клучна причина поради која пратениците ги користат сопствените возила за службени цели е непостоењето на адекватен и соодветен јавен меѓуградски превоз – автобуски и железнички, кој би ги задоволил и исполнил реалните барања и потреби“, се вели во законското образложение.

Со Законот за пратениците се уредуваат прашањата на извршувањето на функцијата пратеник, како и правата и должностите на пратениците во Собранието на Република Македонија.  Според актуелното решение во Законот за пратениците, пратениците имаат право на надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 30 % од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи.

Во предложените законски измени се предвидува намалување на досега утврдените 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи, на 20 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи.

Со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија се уредуваат платата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката.

Во Законот, исто така, е уредено дека право на плата во месечен износ за вршење на функцијата имаат претседателот на Република Македонија, функционерите избрани од редот на пратениците, функционерите и лицата кои ги избира или кои ги именува Собранието, функционерите кои ги именува претседателот на Република Македонија и кои ги именува Владата на Република Македонија и раководните работници кои ги назначува претседателот на Република Македонија или телото што тој ќе го овласти, надлежното тело на Собранието и Владата.

Со измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија се намалува надоместокот за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели. Предложеното законско решение уредува дека, наместо досега утврдените до 30 проценти по изминат километар од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи, се предвидува надоместок до 20 проценти по изминат километар од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи.

Законски предлози за намалување на надоместокот за патните трошоци на пратениците

М.В