/ Прочитано:

1.623

Правата на пациентите во користењето на здравствената заштита

Правата на пациентите во користењето на здравствената заштита се уредуваат со Законот за заштитата на правата на пациентите.

Во овој Закон се пропишува дека заштитата на правата на пациентите се заснова на начелата на хуманост и достапност. Овие начела подразбираат почитување на личноста на пациентот и  добивање на здравствени услуги што постојано се достапни на сите пациенти подеднакво без дискриминација.

Пациентот има право на грижа, лекување и рехабилитација. Личноста на пациентот мора да се почитува. Тој има право на лична сигурност, но и право на учество во одлучувањето.

„Правото на пациентот на учество во одлучувањето го опфаќа правото на информираност и правото на прифаќање или одбивање на определена медицинска интервенција. Правото на пациентот на учество во одлучувањето може да се ограничи по исклучок само кога тоа е оправдано со здравствената состојба на пациентот, во случаите и на начин уредени со овој закон“, се пропишува во Законот.

Пациентот, се пропишува понатаму во Законот за заштита на правата на пациентите, има право, во сите фази на здравствената заштита, да биде потполно информиран за:

  • својата здравствена состојба, вклучително и за медицинската процена на резултатите и исходот на одредена медицинска интервенција, како и нејзините најчесто очекувани компликации;
  • препорачаните медицински интервенции, како и планираните датуми за нивно спроведување (програма за третман и рехабилитација);
  • можните предности и ризици при спроведувањето, односно поради неспроведувањето на препорачаните медицински интервенции;
  • своето право на одлучување за препорачаните медицински интервенции;
  • можните замени за препорачаните медицински интервенции;
  • причините за евентуалните разлики на постигнатиот резултат од медицински интервенции во однос на очекуваниот;
  • текот на постапката при укажувањето на здравствената заштита;
  • препорачаниот начин на живеење и
  • правата од здравствената заштита и здравствено осигурување, како и постапката за остварување на тие права.

Пациентот има право да прифати или да одбие определена медицинска интервенција, освен во случаите на медицински интервенции чие одложување или непреземање би го загрозило животот и здравјето на пациентот, односно животот и здравјето на други лица или би предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица. Прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција пациентот го изразува со потпишување на изјава.

Во Законот е регулирана и заштита на правата на пациент над кој се врши научно истражување.

„За вршење на научно истражување над пациент, неопходно е да се даде свесна, јасна и доброволна согласност од пациентот. Согласноста на пациентот, во смисла на овој закон, е писмена, датирана и потпишана од пациентот изјава за согласност за учество во одредено научно истражување, дадена врз основа на прецизни и на разбирлив начин дадени информации за природата, важноста, последиците и ризиците на истражувањето. За деловно неспособен или малолетен пациент, изјава за согласност дава неговиот родител, законски застапник или старател, со одобрение на надлежниот центар за социјални работи“, се пропишува во Законот за заштита на правата на пациентите.

Исто така, зa вклучување на пациент во медицинска настава неопходно е да се даде свесна, јасна и доброволна писмена или усна согласност од пациентот, дадена пред двајца сведоци врз основа на прецизен и на разбирлив начин, информации за природата, важноста, последиците и ризиците на наставата, дадени од страна на здравствениот работник што го вклучува пациентот во медицинската настава.

Пациентот има право да биде информиран дека за него се води медицинското досие и има право на увид во тоа досие.

Пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Пациентот има право на услови што обезбедуваат приватност при медицинските интервенции, а особено при укажувањето на личната нега.

Пациентот има право самоволно да ја напушти болничката здравствената установа, освен во случаите пропишани со друг закон, како и во случаите кога тоа би било штетно за неговото здравје или здравјето или безбедноста на други лица.