/ Прочитано:

9.496

Правен лексикон: REBUS SIC STANTIBUS

Концептот „rebus sic stantibus“, односно „променети околности“ во принцип значи дека една од договорните страни има право да бара раскинување на договорот кога околностите значајно се промениле, доколку се исполнети определени претпоставки.

Според нашиот Закон за облигационите односи, ако по склучувањето на договорот настапат околности што го отежнуваат исполнувањето на обврската на едната страна или ако поради нив не може да се оствари целта на договорот, а во едниот и во другиот случај во таа мера што е очигледно дека договорот повеќе не им одговара на очекувањата на договорните страни и дека според општото мислење би било несправедливо да се одржи во сила таков каков што е, страната на која и е отежнато исполнувањето на обврската, односно страната која што поради променетите околности не може да ја оствари целта на договорот може да бара договорот да се раскине.

Раскинување на договор не може да се бара ако страната што се повикува на променетите околности била должна во време на склучувањето на договорот да ги земе предвид тие околности или можела да ги избегне или да ги совлада. Страната која бара раскинување на договорот, исто така, не може да се повикува на променетите околности што настапиле по истекот на рокот определен за исполнување на нејзината обврска. Договорот нема да се раскине ако другата страна понуди или се согласи соодветните услови од договорот да се изменат справедливо.

Ако суд изрече раскинување на договорот на барање од другата страна, ќе ја обврзе страната што го барала да и надомести на другата страна справедлив дел од штетата што ја трпи поради тоа.

Страната што е овластена да бара поради променетите околности раскинување на договорот е должна за својата намера да бара раскинување на договорот, да ја извести другата страна штом дознала дека настапиле такви околности, а ако тоа не го сторила одговара за штетата што другата страна ја претрпела поради тоа што барањето благовремено не и било соопштено.

Страните можат со договорот однапред да се откажат од повикувањето на определени променети околности, освен ако тоа е во спротивност со начелото на совесност и чесност.