/ Прочитано:

555

Правилата за однесување на пратениците според Етичкиот кодекс на Собранието

Во Собранието строго се забранува употреба на сила и насилничко однесување од страна на пратеникот. Пратеникот не смее да учествува во настани со кои се загрозува безбедноста на Собранието, се пропишува во Кодексот за етичко однесување на пратениците, чија цел е зачувување и афирмирање на достоинството и угледот на Собранието и пратениците.

Пратеникот во вршењето на својата функција треба да се придржува кон основните етички начела, да ја извршува својата функција без дискриминација, да се води од јавниот интерес и да ја почитува личноста на секој поединец.

Во таа насока, се пропишува во Кодексот, пратеникот е должен при извршувањето на функцијата да се однесува со особено внимание и почитување на личноста и угледот на секој поединец и секогаш да води сметка да не го повреди угледот на другите пратеници и угледот на Собранието.

Пратеникот не смее да ги прекинува говорниците, да дофрлува од место или на кој било друг начин да го нарушува текот на седницата и да користи навреди, фрази, изрази или гестикулации со кои можат да се навредат или омаловажат другите пратеници или носители на јавни функции.

Пратеникот се воздржува од постапки и говори со кои може да предизвика омраза, нетрпеливост и насилство на лична, идеолошка, верска, национална, полова или расна основа.

Пратеникот ги почитува овластувањата на другите избрани и именувани лица, на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието, нема да врши притисок во извршувањето на нивните работни задачи и нема да поттикнува и помага однесување спротивно на Кодексот.

Во Кодексот за етичко однесување на пратениците се пропишуваат и основни правила на однесување.

Пратеникот, се пропишува во Кодексот, е должен да ги почитува правилата на однесување за одржување на редот на седниците на Собранието, на работните и другите тела на Собранието.

Пратеникот, особено треба да се однесува со внимание и почитување на личноста и угледот на секој поединец и да води сметка да не го повреди угледот на другите пратеници и угледот на Собранието.

Пратеникот не треба да користи зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човековото достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство.

Исто така, пратеникот треба да се држи на темата за која се води расправата и да не го прекинува говорникот или на кој било друг начин го нарушува текот на седницата.

Пратеникот кој учествува во сите јавни настапи како претставник на Собранието, во Собранието и надвор од него, е должен да го почитува угледот и достоинството на Собранието.

Кодексот за етичко однесување на пратениците има цел да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа и на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.

Етичкиот кодекс во Собранието беше изгласан во 2018 година откако претходно беше усогласен во рамките на процесот „Жан Моне“, во Охрид. На еден од настаните посветени на промоцијата на кодексот беше истакнато дека  покрај правното ќе биде потребно и културолошко присвојување етичките начела.