/ Прочитано:

2.785

Правилник за куќен ред: „При извршување на мерката притвор се чува телесното и душевното здравје на притвореното лице“

Во членот  25 од Законот за извршување на санкциите се пропишува дека  во одделни установи се основаат посебни одделенија за извршување на мерката притвор, а постапката со притворените лица се уредува со закон. Куќниот ред за извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите го пропишува министерот за правда со правилник.

Во  овој Правилник за куќен ред  за извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите се пропишува дека лицата со изречена мерката притвор ја издржуваат во одделни простории на затворот. Спрема притворените лица, се пропишува понатаму во Правилникот, се постапува согласно ратификуваните меѓународни конвенции, уставните и законски одредби кои го регулираат правниот статус на притворениците.

„При извршување на мерката притвор се чува телесното и душевното здравје на притвореното лице, при тоа водејќи сметка да се одржи редот и дисциплината во затворот, а да не се повреди достоинството на притвореното лице“, се вели во членот 4 од Правилникот.

Во овој Правилник, исто така, уредена е и посебната глава насловена како „ДВИЖЕЊЕ НА ЧИСТ ВОЗДУХ, СЛОБОДНИ АКТИВНОСТИ, СПОРТ И РЕКРЕАЦИЈА“

Во оваа глава, односно во членот 35 од Правилникот се пропишува дека на притворените лица им се овозможува престој на свеж воздух најмалку два часа секој ден и во за тоа одреден затворски простор.

На чист воздух се шетаат заедно лицата сместени во иста просторија.

Истовремено не се шетаат притворени лица од различни простории, и тоа:

– притворени лица кои учествувале во извршување на исто кривично дело;

 – притворeни лица чие заедничко шетање би можело да биде штетно за постапката од други причини (запознавање и пренесување информации);

– притворени лица од машки и женски пол;

 – малолетни и полнолетни притворени лица;

– притворени лица со лица кои издржуваат казна затвор.

Во текот на шетањето, притворените лица се движат слободно и можат да разговараат без да прават врева. Старите или болни притворени лица кои не се способни да шетаат, можат во времето определено за шетање да престојуваат на чист воздух.

Шетањето се врши под надзор на припадници од секторот за обезбедување.

На притворените лица им се овозможува да вршат физички и рекреативни активности во рамки на можностите на притворското одделение на затворот, но не за сметка на времето кое притворените лица го поминуваат на свеж воздух.

Во Правилникот уредена е и посебна глава „ОДРЖУВАЊЕ НА РЕДОТ И ДИСЦИПЛИНАТА ВО ПРИТВОРСКИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА НА ЗАТВОРИТЕ“.

Според член 42 од оваа глава, притворените лица не треба да:
– прават врева, гласно да расправаат, да се караат, да се довикуваат, да фрлаат низ прозорец разни предмети;
– се тетовираат и самоповредуваат;
– тргуваат со лекови, да вршат размена на предмети, да земаат на заем предмети;
– учествуваат во хазардни игри;
– пишуваат по sидoви, мебел и затворскиот инвентар;
– вршат преместување на мебелот во собата.

Осуди за инцидентот во КПУ Затвор Скопје

Кривичниот суд за определувањето мерка притвор за Ристовски и Јанакиески

ЈОРМ: Под истрага организаторите на настаните во Собранието

М.В