/ Прочитано:

2.015

Правна анализа за принципите на судиската етика и етичката одговорност на судиите

Етичките принципи ги одразуваат основните вредности на судството и обезбедуваат основни претпоставки за однесувањето на судот и на индивидуалните судии во вршење на нивната функција, се вели во  Правната анализа на стандарди и принципи на судската етика, чии автори се судијата Џемали Саити, м-р Андреј Божиновски, судијката Ангела Каптеин, судијата Градус Вриезе, судијата Омер Хаџиомеровиќ и судијката Јулијана Живковиќ-Могош.

„Етиката значи намера да се направи добро со цел на општото добро во остварувањето на задачата. Тоа е процес и не е статична материја. Етичките принципи ги отелотворуваат уставните и законските обврски на судиите и ги опишуваат начините на кои тие мора да се менаџираат. Покрај тоа, принципите ги поставуваат стандардите за професионална активност за судиите и ги опишуваат главните карактеристики на професионален судија – каков треба да биде.

Тие јасно ѝ го објаснуваат на јавноста начинот на кој се спроведува правдата, барајќи доверба за судиите во поединечни случаи и за судовите и судството во целина. Систематската конструкција на етичките норми е едно од главните прашања со кои се соочуваат земјите при воспоставувањето документи за судската етика. Како што беше нагласено – Бангалорските принципи за судско однесување презентирани по преамбулата, вклучуваат шест главни принципи на судско поведение: независност; непристрасност; интегритет; пристојност; еднаквост; компетентност и внимателност“, се вели во анализата чии автори, меѓу другите, се и претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, и правниот советник во Здружението, Андреј Божиновски.

Компаративната студија за европските практики, прикажана подолу, открива разлики во висината и содржината на одделни принципи кои се изразени во кодекси или други документи и стандарди на судската етика.

Кон тоа, науката за судска независност и етика бара постојано и континуирано компаративно истражување бидејќи постојаното зголемување на новите судски етички дилеми доведува до обновливи содржини и принципи во веќе постоечки кодекси за постапување.

Во оваа анализа авторите ја поставуваат целта за изготвување на сеопфатна листа на принципи на судска етика, која им овозможува на креаторите на политиките за судска етика да ги тестираат позитивните законски решенија и прописи и да ги подобрат во насока на правните реформи.

Судиската етика се дефинира во два дела, и тоа: професионална етика и применета етика на судиите и има пресудно значење во спроведувањето на правдата и добива сè повеќе и повеќе внимание како домен на компаративни и интердисциплинарни (особено со оглед на областа на правото, политиката и менаџирањето со судовите) научни истражувања. Консултативниот совет на европските судии во Мислењето бр. 3 истакнува дека за етичките аспекти на однесување на судиите треба да се дискутира од различни причини.

„Методите што се користат при решавањето на споровите секогаш треба да ја инспирираат довербата. Овластувањата доверени на судиите се тесно поврзани со вредностите правда, вистина и слобода. Стандардите на однесување кои се однесуваат на судиите се последица на овие вредности и предуслов за доверба во правораздавањето и вршењето на судиската функција. Научните дилеми за етиката на судиите се утврдени од страна на фактот дека тоа се смета за етика на третиот столб од државната власт“, се вели во анализата.

„Етички дилеми со судски карактер се јавуваат многу често поради доделување на посебна моќ и функција на судиите. Комплексноста на судиската етика е утврдена од страна на судиите, односно преку специфичен уставен статус, нивниот имунитет и потреба од заштита, како и од страна на широк опсег на вредности, својата чувствителност и разновидност. Во тој аспект, Европската мрежа на судски совети зазема став дека очекувањата на јавноста за судството предизвикаа потреба да размислуваат за прашањето на судската етика и јасно дефинирање на етичката одговорност на судиите.

Во европските општества улогата на судијата еволуираше: таа веќе не е ограничена на тоа тој да биде гласноговорник на законот, туку до одреден степен и творец на законот и кој има потреба од етички и јасно дефинирани правила на игра во согласност со оваа еволуција.

Меѓутоа, од она што е јасно дефинирано во текстот на меѓународните документи за гарантирање на судската независност, самостојност и непристрасност е разлика меѓу етичката постапка и дисциплинската постапка за судиите. Од горе јасно произлегува дека треба да има посебни дефинирани правила и исполнување на услови за започнување на дисциплинска постапка против судија и за истата треба да има јасно дефинирани казнени основи, како и пропорционални казни“, се посочува во анализата.

Етичката одговорност на судиите, во согласност со точките 72, 73 и 74 од Мислењето бр. 3 на Консултативниот совет на европските судии е администрирана од страна на самите судии преку независно судско тело за етика кое е одговорно за спроведување на Кодексот и стандардите за судска етика.

Од тоа произлегува дека државите се должни да етаблираат вакви тела со етичка надлежност од советодавен карактер, кои би ги упатувале судиите за можни прекршоци во поглед на етичките стандарди предвидени во Кодексот. Телата за етика, образложуваат авторите на анализата, треба да бидат формирани во рамките на Врховниот суд или Здружението на судиите во државите и да посочуваат на конкретни и апстрактни однесувања и поведение на судиите.

Авторите Џемали Саити и Андреј Божиновски посочуваат дека се направени многу напори во однос на начелното обезбедување на независност на судството во Република Северна Македонија, но тоа сè уште е предмет на реформа од аспект на независноста.

Имајќи ја врз себе функцијата на ограничување и контрола на извршната власт, тоа е постојано цел на актуелните носители на политичката власт во земјата. Оттука почнува феноменот на зајакнувањето на неговата независност и непристрасност во правораздавањето изразен преку разните проекти на Здружението на судиите, со вклучување на државните фактори.

Првично се обезбедија најмодерни формални гаранции за судската независност во смисла на: посебен судски буџет, траен мандат, формирање на Судскиот совет како тело составено главно од судии, а надлежно да одлучува за сите поважни прашања за судиите и слично.

„Меѓутоа, во практика овие гаранции остануваат без големо значење поради немање политичка волја и искористување на механизмите за нивното остварување. Релативно добро разработените правни норми сè уште оставаат доволен простор за влијание отстрана. Извештаите на Прибе за државата во наврати главно ја критикуваа улогата на Судскиот совет како главна алатка за извршување на влијание на извршната власт врз судската“, посочуваат авторите.

Важно за оваа анализа е и процесот на именување, разрешување и дисциплинска одговорност на судиите, кој е правно многу модерно усвоен, но сепак доволно „еластичен“, како што покажува практиката, да пропушта интервенции што доведуваат до санкционирање на судии.

Повеќе или помалку, додава Божиновски, тука се наметнува прашањето за воведување на етичките правила и принципи како инструмент кој би ја подобрил перцепцијата за судството, а во насока на зајакнување на довербата на јавноста. Таа потреба ја оправдува потребата од ваква анализа, во согласност со видувањата на судската професија артикулирани преку Здружението на судиите во однос на постојниот систем на етички правила и функцијата на новосоздаденото тело за судска етика.

„Потребно е да се направи дистинкција во професионалната и општата јавност меѓу дисциплинска одговорност на судиите и етичка одговорност на судиите. Од тој аспект процените на ЗСРМ се насочени во однос на етичката одговорност на судиите. Во таа насока е имплементацијата на овој проект, каде што Здружението во координација со Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, а со поддршка од Здружението на судиите на Србија и Холандското здружение на судии го презеде овој потфат и организираше научно-стручна дискусија на етичката одговорност на судиите и зајакнување на капацитетите на Советодавното тело за судска етика“, истакнува претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити.

M.В