/ Прочитано:

2.505

ПРАВНА ЕТИКА: Не зборувајте лошо за вашиот претходник и почитувајте ја странката

Правосудниот бонтон во себе ги обединува етичкиот кодекс, општата и правната култура, почнувајќи од елементарната пристојност, професионалната комуникација и почитувањето на редот во секоја правосудна институција.

pravosudstvo-e1412845055477.jpg

Во статија објавена на веб-страницата „lawsociety“ се презентирани општите правила на деловна етика и култура кои треба да се применуваат во целото правосудство, особено во односот помеѓу адвокатот и клиентот.

Правосудството е општествена активност која се бави со сложени прашања за правдата, правичноста, вината, одговорноста и моралот. Затоа е посебно важно судовите, обвинителствата, правобранителствата и адвокатурата да бидат места со високопрофесионално, морално и убаво однесување. Судовите се места каде што има голема фреквенција на луѓе, од вработени до странки, многу канцеларии, шалтери, а често и многу нервоза.

Судските процеси често се полни со емотивен набој, со силно изразени чувства и со расправии. Професионалното, пристојното, одговорното, совесното и моралното однесување во судот е обврска на сите вработени во судот, од судиите до вработените во судската писарница. Правосудниот бонтон не е стандард утврден во пишана форма, но сепак постои етички кодекс според кој треба да се придржуваат сите.

Правосудниот бонтон во себе ги обединува етичкиот кодекс, општата и правната култура, почнувајќи од елементарната пристојност, професионалната комуникација и почитувањето на редот во секоја правосудна институција.

Не треба да се зборува лошо за колегите заради сопствена промоција

Кога една странка ќе го промени адвокатот, нормално е да сака да го слушне мислењето на новиот застапник за работата на претходниот застапник. Во таков случај, на некои странки им годи кога ќе слушнат лоши коментари за претходникот зашто со тоа стекнуваат впечаток дека постапиле правилно со тоа што го замениле со нов застапник. Адвокатот, пак, може и треба да укаже на пропустите во работата на својот претходник, но сепак заради професионалноста не треба да дава невкусни и несоодветни коментари. Доколку стручно и професионално ја работи својата работа, без да се фали самиот себеси и без да се промовира многу, адвокатот секогаш ќе биде успешен и ќе биде пример за професионалец во очите на другите.

Странката треба да се почитува

За странката постои само нејзиниот предмет и нејзиниот проблем и затоа таа не размислува дека адвокатот истовремено работи и други случаи слични на оној на странката. Кога и да постави прашање, странката треба да биде сослушана и адвокатот совесно треба да гради деловен однос со неа. Со тоа странката ќе се чувствува почитувано и така ќе има целосна доверба во нејзиниот застапник.

И Адвокатската комора на Република Македонија има свој етички кодекс, кој ги опфаќа и вработените во адвокатурата, стручните соработници и приправниците.

Кодексот за професионалната етика на адвокатите е збир од усвоени начела по кои треба да се управуваат адвокатите во својата работа. Тие се во согласност со општите начела на етиката на веќе прифатените и развиени начела на професионалната етика на адвокатурата.

Должност на сите адвокати е да се грижат за правилна примена на овој кодекс и за секоја повреда на професионалната етика да им укажат на колегите преку надлежните органи на Комората.

Кодексот има привремен карактер и треба и понатаму да се усовршува и да се дополнува во духот на начелата прифатени и проверени во однос на професионалната етика на адвокатурата во Република Македонија.