/ Прочитано:

2.002

ПРАВНА КЛИНИКА ЗА ПРАВО НА БЕГАЛЦИ: Правниот факултет „Јустинијан Први“ и УНХЦР потпишаа договор за соработка

Денеска свечено беше потпиша договорот за соработка помеѓу Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Претставништвото на УНХЦР во Скопје. Потпишувањето на договорот го означува почетокот на спроведувањето на заедничкиот проект – „Правна клиника за право на бегалци“, во чии рамки ќе се активира предметна програма Бегалци, мигранти, лица без државјанство и криза на човековите права.

По потпишувањето на договорот, кратки обраќања  имаа деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Коевски, проф. д-р Љубомир Фрчкоски кој е научен координатор на програмата и Дејан Кладарин од Претставништвото на УНХЦР во Скопје.

„Интердисциплинарниот пристап кон темите кои ќе бидат обработувани и содржинската и методолошка збогатеност на целокупната студиска програма на Правниот факултет, како и можноста за унапредување на знаењето на студентите и нивното разбирање на тековните и важни теми како човековите права, од една страна, и од друга страна, состојбите на страдање на големи групи како она на бегалците, мигрантите, лицата без државјанство можат да бидат интересни и отворени кон љубопитноста на студентите од соседните хуманистички науки“, истакна деканот Коевски.

Научниот координатор на програмата, проф. д-р Љубомир Фрчкоски, изјави дека овој изборен предмет за правото на бегалците има импликации и на поширокиот контекст на човековите права.

„Задоволството е поголемо бидејќи се работи за заеднички проект со Претставништвото на УНХЦР во Скопје. Работевме напорно на проектот и посебно на развој на курикулумот и резултатот е мошне добар. Договоривме инспиративен курикулум со интердисциплинарна структура, кој е сместен во научните области политичка филозофија, филозофија на правото и меѓународно право, и организиравме соодветен тим што ќе го спроведе. Дополнително, разработивме и предлог за вежби кои ќе бидат спроведени заедно со УНХЦР како практична настава“, рече Фрчкоски.

Претставникот на УНХЦР во Скопје, Дејан Кладарин, нагласи дека од особена важност е воспоставувањето соработка со Правниот факултет„Јустинијан Први“.

„Затоа, би сакал да изразам голема благодарност до Правниот факултет за отвореноста да даде важност на прашањата кои се актуелни во светот, во регионот и во земјава, како и за подготвеноста да воведе програма што ќе ги третира прашањата за заштита на бегалците, и што на таа тема ќе работи со идните правници со цел нивно насочување кон правичност и, пред сè, човечност“, рече тој.

На денешниот настан беа претставени општите информации за проектот „Правна клиника за право на бегалци“, како и содржината, методите на учење и целите на предметната програма Бегалци, мигранти, лица без државјанство и криза на човековите права, која ќе биде активирана во рамките на вториот циклус студии по Меѓународно право и односи и право на Европска Унија, и ќе биде понудена на глобалната листа на изборни предмети на УКИМ.

М.В