/ Прочитано:

2.461

ПРАВНА ЛОГИКА КАКО НОВА РЕТОРИКА

Правната логика е дел од филозофијата на правото која го проучува правото од аспект на логиката и се однесува на објективната логика или објективната суштина на аргументите во правната пракса, во создавањето и примена на правото, како и во  правната наука.

Д-р Хаим Перелман, правник и логичар

Иако долго време занемарувана, правната логика како домен од суштинско значење за правото како професија и наука, особено го буди интересот на научната јавност во периодот на истражувањата и работата на д-р Хаим Перелман, за чија цел е и основан меѓународниот центар за правна логика во Брисел.

Хаим Перелман (1912-1984) бил правник, професор по логика и морална филозофија на Универзитетот во Брисел, на кој се стекнал со докторат по правни науки, а се стекнал и со докторат по филозофија на Универзитетот во Варшава. Правната логика како нова реторика е фокусот и максимата на кои ги темели своите истражувања овој значаен правен теоретичар. Перелман во својата правна филозофија тежнее кон тоа да заснова теорија на практична аргументација, со која ќе ја надополни правната логика. Перелман го нагласува значењето на расудувањето и разумот во декартовска смисла, како одлика и пледоаје на современата филозофија на правото, но и кон правното резонирање во потесна смисла. Оттука, Перелман не ја изолира правната логика засебно, туку го потенцира нејзиното значење во целопкупниот логички систем, како иманентен во правното расудување, односно во толкувањето на правото.

Правната логика мора да му даде на судијата интелектуално оружје

Опсегот на логиката во толкувањето на правото, не треба да се анализира само од аспект на формалната логика, туку  и од аспект на аргументативните интерпретации. Па така, Перелман, за кого правото не значи само обезбедување на правна сигурност и правда, туку и правичност, истакнува дека правичноста која треба да се поктрепи со аргументации, често е предизвик за судството, во смисла на донесувањето на правична одлука. Но, логиката на судиското расудување не е само формалистичка, туку и дијалектичка и тоа особено се согледува кога постои антиномија или празнина во правото.

„Правната логика мора да му даде на судијата интелектуално оружје за образложување на неговата одлука, кога формалната логика е неспособна да му помогне“, истакнува познатиот правик и логичар.

Она што е правно специфично во расудувањето на судиите, додадава тој, не е формалното извлекување на заклучок поаѓајќи од премисите,  туку специфичноста е во утврдувањето на тие премиси, и тоа во рамки на постоечкиот правен систем. Затоа, главната задача на толкувањето е да ги утврди релевентните факти и правно да ги квалификува на начин кој тие ќе може да се подведат под правната норма.

Ако потеклото на логиката е во реториката, тогаш научната логика првенствено се наоѓа во адвокатската логика

И германскиот филозоф Густав Радбрух, поаѓајќи од аспектите на антиномијата и аксиолошкиот „судир“ на позитивното право со правдата и правичноста, суштината на логиката ја пронаоѓа во реториката, додека пак на научната логика – во адвокатската логика.

„Ако потеклото на  логиката се наоѓа во реторичката настава на софистите, тогаш научната логика првенствено се наоѓа во адвокатската логика, затоа што вештината на докажувањето и побивањето низ дијалог е, пред сè, говорот во судот“, вели германскиот правник Радбрух.

„Оној што не знае логично да расудува, не може да се занимава со право“

Американскиот универзитетски професор Лејман  Ален, пак, не само што го потенцира значењето на правно-логичкото аргументирање, туку примената на логиката ја доведува до ниво на услов за вршењето на правната професија.

Познат е ставот на Ален, кој инститирал неговите студенти да ја проучуваат логиката и нејзините законитости, дури и во математичкиот домен, затоа што, како што нагласувал Ален, тоа било основата за нив како правници.

„Оној што не знае логично да расудува, не може да се занимава со право, нагласувал професорот Ален.

Логички законитости во примената на правото

Инаку, од научен аспект, предметот на правната логика го сочинуваат појдовните два теоретски аспекти во однос на прочувањето на феноменологијата на правната логика. Тоа се прашањата на правната логика кои имаат логичко-филозофски карактер и прашањата кои се проучуваат од аспектот на правото, имено, прашањата од од правно-логички карактер.

Во првиот случај, правната логика се истражува од аспект на семантиката и таа уште се нарекува деонтолошка логика. Оваа логика  ја проучува логичката природа на правните норми. Во вториот случај, правната логика се истражува и применува од аспект на користењето на логичките законитости во примената на правото, како на пример прашањата со логичкото толкување и т.н. правни силогизми кои го означуваат конкретното однесување на човекот под определна правна норма.

Преовладуваат теоретските мислења дека, без разлика на различните аспекти и контексти на правната логика, таа има еноромно значење во толкувањето на правото, особено што централното прашање во примената на логиката е – барањето на вистината. Оттука, за логиката особено значење има поимот вистина. Правната логика покажува што доследно логички произлегува и го проверува сознанието добиено со други толкувања или создава нови значења кои не би можеле да се добијат по пат на други толкувања.

Аксиоми и принципи на мислењето

Во истражувањата за правната логика се говори дека логичките закони во толкувањето на правото се врши со помош на основните закони како аксиоми и принципи на мислењето. Како такви закони се споменуваат: законот на идентитетот, според кој истоветните поими остануваат исти во сите законски судови; законот на (не)противречноста, кој вели дека  од два контрадикторни суда еден е лажен; законот на исклучувањето кој се однесува на исклучувањето на афирмацијата и негацијата и законот на каузалитетот, кој се однесува на смислата, потребата и причината.

За логичкото толкување на правото од особено значење е (не)противречноста. Доколку одредена правна норна содржи противречни поими, односно поими кои меѓусебно се ограничуваат и исклучуваат, таа норма ја губи својата смисла. Исто така, според правната логика, еден логички суд не смее да биде противречен, туку мора да биде образложен затоа што само образложениот суд може да се смета за важечки суд.

 М.В / veljanoskim@akadmeik.mk

2.10. 2015