/ Прочитано:

8.868

Правна положба и правен статус на црква, верска заедница и религиозна група во Република Македонија

Со Уставот РМ од 1991 година се определи правната положба на верските заедници, со тоа што се гарантира сло­бо­дата на вероисповеста, се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Верските заедници и религиозните групи кои пос­то­јат во државата се одвоени од државата и се еднакви пред Уставот и законот. Пона­таму се определува дека верските заедници и религиозните групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Уставноправна положба и загарантирани слободи и права

Со Уставот, во неговите одредби за основните слободи и правата на човекот и гра­ѓанинот, е определено дека граѓаните на РМ се еднакви во слободите и правата не­за­висно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Исто така, со Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изра­зу­вање на мислата. Понатаму, со Уставот на националните малцинства кои живеат во државата им се гарантира заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и вер­ски­от идентитет.

Заради спречување на повреда на правото на слободно изразување на верата, со Уставот е пропишано дека слободите и правата можат да бидат огра­ни­че­ни само за време на вонредна или воена состојба, и тоа не може да биде дискри­ми­торско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално по­тек­ло, имот или општествена положба, но и во таква состојба не можат да бидат огра­ничени слободите и правата што се однесува на слободата на уверувањето, со­вес­та, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповедта.

Во Република Македонија нема др­жав­на религија

Oдносите помеѓу верските  заедници и религиозните групи со државата се регу­ли­рани со Уставот на Република Македонија, Законот за органите на државната управа и Законот за црква, верска заедница и религиозна група.

Со член 19 од Уставот на Република Македонија е регулирано дека Ма­­­ке­донската православна црква, како и Исламската верска заедница, Като­лич­ката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и дру­ги­те верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се една­кви пред закон. Од ова јасно произлегува дека во Република Македонија нема др­жав­на религија.

Државата е секуларна и религијата е одвоена од неа. Тоа зна­чи дека државата не­ма право да се меша во црковните работи, ниту пак црк­ва­та да се меша во др­жавните работи.

Со Законот за органите на државната управа е основана Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи како посебен орган на државната управа. Овој орган има статус на правно лице. Во член 29 од овој За­кон е пропишано дека Комисијата за односи со вер­ските заедници и рели­ги­озните групи се грижи за правната положба на вер­ските заедници и религи­оз­ните групи и за односите меѓу државата, вер­ските заедници и религиозните групи.

Дефиниции на црква, верска заедница и религиозна група

Црква, верска заедница и религиозна група е доброволна заедница на физички лица кои со своето верско убедување и изворите на нивното учење ја остваруваат слободата на вероисповедта соединети по вера и идентитет  изразен со подеднакво извршување на богослужба, молитва, обреди и друго изразување на верата.

Верски службеник е лице кое е во служба и со своето верско убедување и припаѓа на црква, верска заедница и религиозна група и врши верско-обредни,  просветни, организациски и добротворни активности во согласност со нормите на врховниот орган на својата регистрирана црква, верска заедница и религиозна група, кои се во согласност со Уставот, законите и правните прописи во Република Македонија.

Права и обврски

Правото на слобода на уверување, мисла и совест, ја вклучува слободата на манифестирање на својата вера или убедување, што сам или заедно со другите, јавно или приватно го има секој човек.

Не е дозволена верска дискриминација.

Верското убедување не го ослободува граѓанинот од обврските што како граѓанин ги има според Уставот, законите и другите прописи, освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено.

Црквата, верската заедница и религиозната група имаат право внатрешно слободно да се организираат со нивни органи на управување, хиерархија и надлежност и да определуваат лица кои ќе ги застапуваат и претставуваат и да донесуваат акти во врска со тоа.

Државата го почитува идентитетот на црквите, верските заедници, религиозните групи и другите облици на религиозно здружување и со нив воспоставува однос на постојан дијалог и развива облици на постојана соработка.

Црквата, верската заедница и религиозната група своите активности ги вршат согласно со позитивните законски прописи на Република Македонија, меѓународните декларации и конвенции за слободата на вероисповедта и изразувањето на верата.

Државните органи во рамките на своите надлежности и овластувања создаваат услови за непречено извршување на активностите на црквата, верската заедница и религиозната група.

Со закон може да се ограничи слободата на изразување на религијата или убедувањето доколку тоа е неопходно во интерес на јавната сигурност, поредокот, здравјето, моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Правен статус

Црква, верска заедница и религиозна група се запишуваат во Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи), со што стекнуваат својство на правно лице.

Органот на државната управа надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници води евиденција за регистрираната црква, верска заедница и религиозна група.

Во надлежниот регистар се запишува црква, верска заедница и религиозна група доколку претходно веќе не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница и религиозна група.

Името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи.

Зборот “Македонија”, неговите изведенки, како и преводите на овој збор, потоа грбот и знамето на Република Македонија можат да се внесат во името и обележјата на црквите, верските заедници и религиозните групи на начин со кој се истакнува угледот и достоинството на Република Македонија.

За употребата на името “Македонија” Министерството за правда дава писмена согласност.

Надлежен суд за водење на Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозни групи е Основниот суд – Скопје II – Скопје.

Податоците запишани во надлежниот регистар се јавни.

Министерот за правда ја пропишува формата и содржината на образецот на надлежниот регистар и начинот на неговото водење.

Постапка за запишување во надлежниот регистар

Запишувањето во надлежниот регистар се врши врз основа на барање.

Кон барањето од ставот  се доставуваат: – записник од одржано основачко собрание, – акт за основање, – акт со кој се уредува статусот, организацијата и дејствувањето, – опис на изворите на учењето од членот 2 став (1) на овој закон, – одлука за определување на лице овластено за застапување и претставување на црква, верска заедница и религиозна група и – доказ за државјанство на основачите и лицето овластено да застапува и претставува црква, верска заедница и религиозна група.

Црквата, верската заедница и религиозната група се должни да определат одговорно лице, кое до надлежниот регистар ќе поднесе барање за запишување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за основање.

Ако кон барањето не се доставени сите потребни документи, надлежниот суд ќе го повика подносителот на барањето во рок од 15 дена од известувањето да ги достави потребните документи, а во спротивно барањето ќе го отфрли.

Актот за основање  содржи: – име и назив на црквата, верската заедница и религиозната група во Република Македонија, – седиште и адреса на црквата, верската заедница и религиозната група во Република Македонија, – опис на обележјата и ознаките што ќе ги употребува црквата, верската заедница и религиозната група, – име и презиме на лицето кое е должно да поднесе барање за упис до надлежниот регистар, – начин на изразување на верската припадност и извршувањето на религиозниот култ и – финансирање на црквата, верската заедница и религиозната група и нивните составни делови и начин на вршење на надзор во финансиското и материјалното располагање со средствата.

Ако се исполнети условите , регистарскиот суд е должен во рок од осум дена од денот на поднесувањето на барањето да ја запише црквата, верската заедница и религиозната група во надлежниот регистар.

Решението со кое се запишува црква, верска заедница и религиозна група содржи: – име или назив, – седиште и адреса и – името на лицето кое ја застапува и претставува црквата, верската заедница и религиозната група.

Доколку не се исполнети материјалните услови од овој закон за запишување на црква, верска заедница и религиозна група, судот ќе го одбие барањето.

Против решението со кое се одбива барањето, жалба до второстепениот суд може да поднесе само подносителот на барањето во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Регистрирана црква, верска заедница и религиозна група доколку донеле одлука за престанок или бришење од регистарот, се должни тоа да го пријават до надлежниот суд заради бришење во надлежниот регистар.

Регистрирана црква, верска заедница и религиозна група сите промени во однос на елементите што се запишуваат во надлежниот регистар се должни да ги пријават до надлежниот суд во рок од 15 дена од настанувањето на промената.

Богослужба, молитва и верски обред

Религиозниот култ се врши во верски објекти како храм, џамија, молитвен дом, синагога, на гробишта и во други простории на црква, верска заедница и религиозна група.

Религиозниот култ може да се врши и да се практикува и во други простории и јавни места.

Богослужба, молитва и други манифестации на верата во верски објект или на места утврдени со законо може да организира и да врши верски службеник од црква, верска заедница и религиозна група во Република Македонија или со нивна дозвола.

Поклоничко патување е организирано патување на група верници, верски службеници на свети места од страна на црква, верска заедница и религиозна група. При организирање на поклоничко патување организаторот е должен за групата верници, верски службеници да ги применува прописите за заштита на населението од заразни болести кои се однесуваат на превентивна заштита.

Секое лажно претставување за верски службеник и злоупотреба на верски униформи и обележја на регистрирана црква, верска заедница и религиозна група не е дозволено.

Никој не смее да ги попречува свештените лица и верските службеници од цркви, верски заедници и религиозни групи во Република Македонија во извршувањето на нивните верски активности во јавните верски објекти и таму каде што тоа е дозволено согласно со овој закон.

Верски објект се гради врз основа на барање за издавање на одобрение за градба.

Органите на општините и на градот Скопје надлежни за урбанизам и донесување на урбанистички планови во постапката пред издавањето на одобрението за градба на верски објект можат да побараат мислење од постојната црква, верска заедница и религиозна група, а кое не е обврзувачко за органот.

Лицата кои се сместени во болници, домови за деца и домови за стари лица, армиски и полициски институции и простори, затвори и слични институции можат да ја изразуваат својата вера и по сопствено барање да бидат посетувани од свештени лица заради вршење на верски обред и други форми на манифестирање на религијата или верата во согласност со куќниот ред на институцијата во која се сместени.

Овие лица можат да бидат посетувани од верски службеник заради вршење на верски обреди.

Институциите  рамките на своите законски и просторни можности можат да одвојат просторија во која ќе се извршува верски обред.

Верска поука и образовни дејсности

Црква, верска заедница и религиозна група можат да изведуваат верска поука.

Верска поука се изведува во простории во кои се вршат верски обреди и други начини за јавно изразување на верата, како и во други јавни и приватни простории и места, доколку со тоа не се повредува јавниот ред и мир.

Црква, верска заедница и религиозна група имаат право да основаат верски образовни установи од сите степени на образование, освен од основното образование, за школување на свештени лица и верски службеници, како и ученички и студентски домови за сместување на лицата кои се школуваат во тие установи.

Верските образовни установи се изедначени со другите образовни установи и нивните ученици и студенти ги имаат истите права и обврски.

Црквата, верската заедница и религиозната група се должни известувањето за основање на верска образовна установа, со актот за целите и внатрешната организација на училиштето и наставниот план и програма, во согласност со одредбите на овој закон, да го поднесе до органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници најмалку 90 дена пред денот определен за почетокот на неговото работење.

Органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници е должен своето мислење да го достави до црквата, верската заедница или религиозната група, во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на известувањето.

Наставните планови и програми во верските образовни установи не смеат да бидат во спротивност со Уставот и со законите.

Органот на државната управа надлежен за образованието може да врши увид во наставните планови и програми на верските образовни установи во смисла на ставот (1) од овој член.

Настава во верско училиште може да изведува државјанин на  Република Македонија.

По исклучок, ако црквата, верската заедница и религиозната група имаат потреба од соодветни кадри, настава во верска образовна установа може да изведува и странски државјанин, во согласност со прописите за престој на странски државјани во Република Македонија и со одобрение од органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници.

Црквата, верската заедница и религиозната група самостојно управуваат со верските образовни установи и другите образовни установи, како и со ученичките и студентските домови кои можат да ги формираат во согласност со овој или друг закон.

Одговорното лице во верската образовна установа, образовната установа, ученичкиот или студентскиот дом е должно да му ги стави на располагање на органот на државната управа надлежен за прашања за образованието податоците потребни за вршење увид во нивната работа и во рок определен од тој орган да ги отстрани евентуалните недостатоци.

Црква, верска заедница и религиозна група можат да основаат хуманитарни, културни, социјални, здравствени, добротворни и друг вид установи, во постапка и под услови утврдени со овој и друг закон.

Црква, верска заедница и религиозна група можат да ги користат средствата за јавно информирање и да издаваат, увезуваат и извезуваат печатени работи во согласност со закон, како и да формираат сопствени средства за јавно информирање.

Приходи на црквата, верската заедница и религиозната група

Приходите на црквата, верската заедница и религиозната група се од сопствено финансирање, приватна филантропија, донации и други форми на финансирање.

Црквата, верската заедница и религиозната група самостојно располагаат со стекнатите приходи, во согласност со закон и со прописите на црквата, верската заедница и религиозната група.

Финансирањето на црквата, верската заедница и религиозната група, како и трошењето на финансиските средства е според регулативата за непрофитните организации и организациите од јавен интерес.

(М.В)