/ Прочитано:

2.158

Правната и етичката одговорност на компаниите – клучна цел на Бизнис конфедерацијата на Македонија која одбележува 15 години постоење

Денеска Бизнис конфедерацијата на Македонија по повод 15 - годишниот јубилеј одржува панел-дискусија на тема „Подобра бизнис клима за бизнис независност и интегритет“.

Бизнис конфедерацијата на Македонија е организација основана од работодавачи и организации на работодавачи, која ги поддржува посебните права и интересите на работодавачите и слободното претприемништво. Главна цел на Конфедерацијата е економски развој на членовите, застапување пред законодавните институции и социјалните партнери, поттикнување на социјалниот дијалог и намалување на невработеноста.

Во своите прокламирани заложби, Бизнис конфедерацијата на Македонија вели дека нејзина мисија е да помогне кон поттикнување и подобрување на бизнис опкружувањето во Македонија, понатамошно градење партнерства, развој на трипартитниот дијалог и поттикнување конкурентност на македонската економија.

Исто така, заложба на Бизнис конфедерацијата е развојот на бизнисите врз основа на транспарентност и деловна етика и креирање на деловната политика за развој на економијата која ќе овозможи услови за водење на добар бизнис и просперитет за Република Македонија, каде што работата е достоинствено наградена и каде што идеите за бизнис се поддржани.

„Основните принципи на нашето работење и постоење се темелат врз вредностите во кои веруваме и ги почитуваме, партнерство и соработка, иновации и знаења, транспарентност – достапност и вклученост и  општествено одговорни претпријатија “, посочуваат од Бизнис конфедерацијата.

Бизнис конфедерацијата спроведува и бројни проекти поврзани со прашања за улогата на социјалните партнери во усогласување на работата и семејниот живот и родовата еднаквост, општествена одговорност на претпријатијата и зајакнување на социјалниот дијалог во земјите на Западен Балкан.

Општествена одговорност на претпријатијата, велат од Конфедерацијата,  претставува збир на сите економски, правни, етички функции во претпријатијата. Пред сѐ, претпријатијата се формирани  за остварување на основната економска дејност, но мора да се има предвид дека сите функции на претпријатието мора да бидат спроведени според легислативата.  Оттука општеството развива и дискрециони очекувања кон претпријатијата во одреден временски период.

Низ економскиот развој на претпријатијата паралелно се развива и социјалниот развој – поточно социјалната одговорност. Така презентираната четири-компонентна дефиниција прилично експлицитно ја покажува повеќестраната природа на корпоративната општествена одговорност. Во таа насока, БКМ упатува кон економската, правната и етичката одговорност.

Економската одговорност се однесува на очекувањата на општеството дека организациите ќе произведуваат добра и услуги кои се потребни и посакувани од страна на клиентите и ќе ги продаваат тие стоки и услуги по разумна цена.

Правната одговорност се однесува на очекувањата организациите да работат во согласност со законите кои ги третираат и прашањата на добро владеење и почитување на конкуренција на пазарот, вклучително и законите за заштита на производи, за заштита на потрошувачите, како и законите за животната околина и вработувањето.

Етичката одговорност се однесува на општествените очекувања компаниите да сторат повеќе отколку што самиот закон го бара, односно да сторат особени напори во насока на предвидување и задоволување на општествените норми, во смисла на реализирање на сите деловни функции и активности на фер и праведен начин.

Дискреционата одговорност на корпорациите се однесува на очекувањата на општеството дека организациите ќе бидат добри граѓани. Ова може да вклучува работи како што се филантропска поддршка на програми кои се во корист на заедницата, општеството или нацијата. Таа, исто така, може да вклучува давање стручна експертиза за остварување на повисоки заеднички или општествени цели.

Во однос на улогата на социјалните партнери во усогласување на работата и семејниот живот и родовата еднаквост, од Бизнис конфедерацијата посочуваат дека е потребно подигнување на свеста и зајакнување на капацитетите на социјалните партнери во однос на усогласување на деловните и приватните обврски и родовата еднаквост.

За вработените, велат од Конфедерацијата, клучни прашања се моралот и задоволството при работа, остварување рамнотежа помеѓу социјалниот живот и работата, негување на внатрешната култура (транспарентност), безбедност на работното место, примањата, разновидност при работата, еднакви можности за вработените, можности за обука и напредување во кариерата.

Во насока на поттикнување економија која ќе стимулира развој, иновации и зголемување на продуктивноста, создавање нови материјални добра, Бизнис конфедерацијата на Македонија во соработка со асоцијацијата „Јуридика“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ беше организатор на трибината „Колку платите и потрошувачката се фактор на економски развој во Република Македонија?’’ која имаше за цел да го сврти вниманието на јавноста и експертите кон платите и како потрошувачката ќе го стимулира економскиот развој во Македонија.

На оваа трибина, од социјално-правен аспект се заклучи дека здравото и реално зголемување на платите може да доведе до зголемување на продуктивноста на работникот, а со тоа и до зголемување на продуктивноста на компанијата.

Прв меѓународен инструмент со кој се уредува прашањето на плата  е Конвенцијата бр. 95 на МОТ за заштита на платите. Во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права на ООН е утврдено дека државите договорнички на пактот му го признаваат правото на секој да ужива праведни и поволни услови за работа, кои обезбедуваат, особено: „…наградување кое како минимум им се гарантира на сите работници“.

Анализите покажуваат дека зголемувањето на платите, дури и на ниско квалификуваните работници, ја поттикнува продуктивноста на ниво на компанија и тие остваруваат подобри резултати, при што се намалуваат отсуствата од работното место. Исто така, посочуваат од БКМ, компаниите мора да инвестираат затоа што цената на вработените станува сѐ повисока.

M.В