/ Прочитано:

1.391

Правната култура и довербата се клучни за арбитражното решавање на споровите

Стопанската комора на Македонија одржа промотивен настан, организиран од страна на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, на тема: „Арбитражата наспроти потребите на компаниите во деловното работење“, на којшто присуствуваа претставници на менаџментот и правните служби во компаниите членки на Стопанската комора на Македонија, како и претставници од адвокатурата.

akad 2

Како што информираат од Стопанската комора, според податоците, Арбитражниот суд на Стопанската комора лани решил само десетина спорови, иако има капацитет годишно да реши 100 спорови.

Од Постојаниот избран суд – Арбитража истакнуваат дека стопанските спорови преку арбитража можат да се решат за најмногу шест до девет месеци, исклучително професионално, со правосилни одлуки кои се веднаш извршни. Притоа, појаснува Горан Рафајловски, претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, постапките не се повторуваат, а судовите мора да ги почитуваат донесените решенија.

Според проф. д-р Татјана Зороска-Камиловска, потпретседател на Постојаниот избран суд –  Арбитража при Стопанската комора на Македонија, главните причини за состојбата на арбитражата можат да се лоцираат во недостигот на стратешки план на компаниите во насока на решавање на нивните спорови, како и во избегнувањето на арбитражата како метод на решавање на спорови, што се должи на недоволното познавање на природата на арбитражата и на можностите што ги нуди таа.

„Иако во последните неколку децении арбитражата во светски рамки стана ‘рбетот во решавањето на споровите, како остварлива алтернатива на судските постапки, сепак, во Република Македонија арбитражното решавање на споровите, сè уште не е доволно застапено“, вели професорката.

Д-р Валентин Пепељугоски, член на Претседателството на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, вели дека арбитражното решавање на споровите е меѓународен тренд и има големи предности во намалувањето на трошоците на постапката и на времетраењето на постапката.

На претходниот настан посветен арбитражата професорот Михајло Дика, во својство на претседател на  Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Хрватска и еден од иницијаторите за потпишување на Договорот за соработка меѓу Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Хрватска и Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Македонија, истакна дека причината зошто странките првенствено имаат повеќе бенефиции од арбитражата е поради самата експедитивност на постапката, но и поради довербата.

„Арбитражата е побрза и често пати е поквалитетна. При тоа може да се изберат луѓе во кои странките имаат доверба. Исто така, арбитражната одлука со меѓународен елемент може да се изврши насекаде во светот, за разлика од судските одлуки“, посочува професорот Дика.

Според професорот, со арбитражата воедно се поттикнува и правната култура и затоа е потребна нејзина промоција. И адвокатите, нагласува професорот, имаат интерес од арбитражата, но не само во делот да ги застапуваат странките.

„Адвокатите се одлични арбитри. Како арбитри дури се и построги спрема своите колеги отколку судиите на државните судови“, подвлекува проф. д-р Михајло Дика.

„И адвокатите имаат интерес од арбитражата не само како застапници туку и како арбитри“ — проф. д–р МИХАЈЛО ДИКА

М.В