/ Прочитано:

1.137

Правната регулатива на УЕФА – осврт на Европското првенство за фудбалери до 21 година

Според Правилникот на УЕФА, во глава 7, член 7.01, допингот е забранет и строго казнив доколку биде откриен кај играч од која било репрезентација. Во случај на прекршување на правилата против допинг, УЕФА е задолжена да поведе дисциплинска постапка не само против играчот кој користел допинг туку и против оној што го подготвил допингот и, во согласност со доказите, да изрече дисциплинска мерка.

фудбалери

Европското првенство за фудбалери до 21 година ќе се одржи во Полска, 2017 година и на него за првпат во историјата на Република Македонија ќе настапува и македонската младинската фудбалска селекција, што претставува историски успех за македонскиот фудбал. Првенството ќе се одржи од 16 до 30 јуни, во 6 града во Полска, и на него, според правилата на УЕФА, ќе учествуваат 12 репрезентации од Европа.

Во согласност со членот 49 (2) и 50 (1) од Статутот на УЕФА, кој е основен акт кој ги регулира правилата на функционирањето на европската куќа на фудбалот, се донесува Правилник за уредување на условите кои се применуваат при одржувањето на квалификациите за Европското првенство и за одржувањето на Европското првенство по завршувањето на квалификациите.

Карактеристично за ова првенство и за правното регулирање за неговото одржување, за разлика од првенството за сениорските репрезентации, е тоа што право на настап имаат играчите кои се родени на 1 јануари 1994 година или потоа и само тие играчи може да бидат регистрирани за својата репрезентација за учество на завршниот турнир во Полска во 2017 година.

Важни за Европското првенство и за спортот воопшто се правилата против допинг. Имено, според Правилникот на УЕФА, во глава 7, член 7.01, допингот е забранет и строго казнив доколку биде откриен кај играч од која било репрезентација. Во случај на прекршување на правилата против допинг, УЕФА е задолжена да поведе дисциплинска постапка не само против играчот кој користел допинг туку и против оној што го подготвил допингот и, во согласност со доказите, да изрече дисциплинска мерка која најчесто се движи од суспензија на играчот во времетраење од 2 до 4 години, во зависност од видот на забранетата супстанца најдена во неговото тело при анализата на крвта. УЕФА има право да направи тестирање на крвта во секое време.

Во Правилникот, исто така во главата 11, од правен аспект е интересно да се споменат и правата од интелектуална сопственост. УЕФА ги има ексклузивните права врз материјалите поврзани со првенството, вклучувајќи ги и сите идни права од аудиоматеријали, видеоматеријали, имиња, логоа, брендови, музика, медали, плакети и трофеи. Секое користење на производите на УЕФА од трети лица или од здруженија мора да биде писмено одобрено од УЕФА и мора да биде во согласност со правилата на УЕФА.

Исто така, базата на податоци, како дел од правото на интелектуална сопственост, е во ексклузивно право на УЕФА. Билетите за натпреварите, акредитациите за официјалните лица ги издава само УЕФА и никој нема право да ги искористи за нешто што не е наведено во нив (влез во ограничени простории, соблекувални  итн.).

Во однос на натпреварувачките правила, во Правилникот на УЕФА се наведени ситуации како се постапува кога некој натпревар се напушта или се прекинува. Така, доколку на теренот од разни причини (најчесто добивање на црвен картон на играчите) останат помалку од 7 играчи барем од еден од тимовите, тогаш мечот се напушта од тимовите и понатаму Контролното тело за етика на УЕФА одлучува за последиците. Доколку судијата одлучи играчите да го напуштат теренот поради неквалитет на подлогата, натпреварот може да се одигра најдоцна наредниот ден, доколку не одлучи поинаку Контролното тело на УЕФА, кое треба својата одлука да ја донесе во рок од 2 часа откако судијата го прекинал натпреварот.

Интересно правило за ова Европско првенство е предвидено во главата 26 – 26.01 од Правилникот и се однесува на одбивањето на одредена репрезентација да го одигра закажаниот натпревар. Во ваков случај Контролното тело за етика на УЕФА донесува соодветна санкција кон репрезентацијата, а притоа тие можат да одлучат да ги поништат сите бодови и голови на соодветниот тим  и згора на тоа репрезентацијата која одбива да игра може да добие и парична казна за нејзиното однесување.

Ова се некои од специфичните правила кои се однесуваат на претстојното Европско првенство за млади фудбалери, но голем дел од нив се применуваат и во сениорските категории. Според бројните правила на УЕФА и ФИФА, постојат и други дисциплински постапки, процедури и правни решенија кои ги презема УЕФА кога за тоа има потреба, а кога се работи за постапки кои се поврзани со допингот постои посебно тело, т.е. Арбитражниот суд во Лозана, кој е надлежен за разгледување на предметите и за донесување на соодветна одлука која има исто правно дејство како и одлука на редовен суд.