/ Прочитано:

1.411

ПРАВНИ РИЗИЦИ: Полесно е да останеш надвор од опасноста, отколку да се спасуваш од неа

Ризикот е можност од случување на неповолен настан со предизвикување на штетни последици врз определена вредност, без разлика каква аксиолошка определба, провиниенција и функција има истата. Ризикуваме дури и кога не реагираме на идните случувања и настани – затоа што ако имавме таква способност да знаеме сè – не би постоел ризик.

„Полесно е да останеш надвор од опасноста, отколку да се спасуваш од неа“ Марк Твен

Практично, ризикот е составен дел од животот во најегзистенцијалната смисла на зборот затоа што таму каде што е човекот и неговите активности – таму е и ризикот. Оттука, постоењето на ризикот неминовно е поврзан и со правото, посебно ако се земе во предвид и една од повпечатливите правно-социолошки максими за правото дека таму каде што е човекот – таму е и правото.

Кога ризикот постои секогаш мора да има најмалку две опции за избор. Доколку опасноста од настанување на штетата не може да се избегне со оглед на околностите и фактите и кога со сигурност се очекува дека таа ќе настане, во тој случај – ризикот не постои бидејќи очекуваниот резултат е евидентен. Многу елементи се карактеристични за ризикот, но најкарактеристични компоненти кои се својствени за ризикот како поим се неизвесноста, непоределеноста на исходот, планираниот резултат и загубата како можен и непожелен исход.

Умешноста за детектирање на ризикот и посочувањето на конкретните опциони избори за избегнување на негативните последици е всушност најконструктивниот модалитет во управувањето со ризиците на општ план и поконкретно на правните ризици. Со ризикот поврзана е и неизвесноста затоа што неизвесноста влијае врз перцепцијата на ризикот, односно таа постои кога не може со сигурност да се знае резултатот од одредено случување, настан или реакција.

Ризикот и неизвесноста преку „Двајцата патници и аеродромот

Во научните студии како школски пример за експликација на ризикот и неизвесноста често се зема примерот на двајцата патници и аеродромот преку кој на практичен начин се објаснуваат градациите на ризикот и степените на ризик.

„Ризикуваме дури и кога не реагираме на идните случувања и настани – затоа што ако имавме таква способност да знаеме се – не би постоел ризик“,  е совет кој често се забележува во теоријата.

Се чини дека оваа консулатативна максима за правните ризици и ризикот како феномен, воопшто од сите негови аспекти кои функционално се поврзани, најдобро се отсликува во следниот случај:

Пример: Патникот тргнува на аеродром да за да стигне навремено за летот. Времето е многу лошо и постои можност летот да биде откажан. Овој човек не е сигурен каков е статусот на неговиот лет и изложен е на таа неизвесност. Неговите патни планови ќе се расипат ако летот биде откажан. Тој одлучува да стигне до аеродромот каде би дознал за статусот на неговиот лет. Оттука, овој човек е изложен на ризик и неговата неизвесност трае.

Но, истовремено од другата страна на градот, друг патник тргнува накај аеродромот и исто така брза за да стигне навремено за летот. Но, овој човек одлучил да се јави на аеродромот и да провери дали летот е откажан. Со оглед на тоа, овој патник е изложен на помала неизвесност, односно би ги дознал фактите побрзо и со тоа е изложен на помал ризик.

Преку овој пример се гледа дека ризикот и неизвесноста се функционално поврзани и пропорционални. Две индивидуи се изложени на ист ризик, но поради фактот што се изложени на различни нивоа на неизвесност, изложени се и на различни нивоа на ризик, најмногу заради „временскиот“ аспект на дознавањето на фактите и потенцијалната навремена реакција.

Идентификација, мерење и проценка на ризици

Во таа смисла, управувањето со ризиците претставува идентификација, мерење и проценка на ризикот со цел минимизирање на неповолните и несаканите ефекти и последиците произлезени од нив, а особено на финансиите и капиталот како сензитивна категорија затоа што, како што велат економистите, капиталот е „како плашливо животинче кое на најмал шум од опасност бега“.

За да се разбере природата на секој ризик, неопходно е неговата идентификација да покаже не само што може да се случи, туку и како и зошто тој ризик може да се случи. Притоа, уште на самиот почеток треба да се дефинира карактерот на ризиците, со цел понатаму да се преземат соодветни мерки за нивно држење во прифатливи рамки.

Управувањето со ризиците е збир на управувачки методи и техники кои се користат за да се смали можноста од остварување на непосакувани последици и со тоа девалвирање и опструирање на остварувањето на посакуваните ефекти и резултати.

Управување со правни ризици

Правниот ризик, рестриктивно сублимирано, е ризик кој потекнува од неизвесноста во поглед на доследно применување на законите, постоечките регулативи и одредби од договори. Во таа смисла, правниот ризик се однесува и на можноста судските постапки и склучените договори или донесените деловни одлуки да не можат или да можат, но поинаку од очекуваното да се реализираат и да имаат негативно влијание врз работењето на засегнатите правни субјекти или индивидуи во даден случај.

Системите за управување со правни ризици треба да ги детектираат ризиците кои во фазата на идентификација се уште не се перцептивно искристализирани. Некои ризици може да се „невидливи“ од голем број на причини. Правната (не)сигурност, толкувањето на законите, инкомпатибилноста на одредена законодавна со пазарна логика се дел од ризиците кои може да се „невидливи“ во оперативна смисла.

Управувањето со правниот ризик не значи само добро познавање на законодавството, туку познавање и на динамиката, темпото и менаџментската цел на правните, деловните и регулаторните промени. Во приватниот сектор, една интерно успешна правна рамка на справување со ризиците во деловните субјекти ќе го дефинира опсегот и параметрите на правниот ризик со инклузија на правниците како „идентификатори“ на ризиците.

Функцијата на управувањето со правните ризици е дисперзивна и рефлективна – таа е хоринзонтално поставена во доменот на приватната и јавната сфера, каде институционалната основа треба да е стратешки определена преку воспоставување на структура на субјекти кои на различно ниво ќе бидат инволвирани во спроведување на систем на чекори, методи и алатки кои ќе можат благовремено и соодветно да одговорат на предизвикот за создавање на современ, интегриран, модерен и одржлив систем за управување со правни ризици.

Правниците најмногу го поставуваат превентивното прашање „Што ако?“ и затоа се најдоверливи бизнис советници и економски „бодигарди“

Правниците најдобро ги детектираат ризиците затоа што го поставуваат прашањето „Што ако?“, вели Тим Џонс еден од водечките светски правници и одличен познавач на феноменологијата на правните ризици. Според него како адвокат кој низ пракса ја согледал предноста од управувањето со правните ризици, аналитичноста во перцепирањето на проблемот и лоцирањето на клучните правни и деловни точки кои можат да направат дисторзија на концептот, се способности кои правниците ги имаат и затоа и самиот ризик како поим е поврзан со улогата на правничката  професија во општеството и севкупниот деловно-економски амбиент и владеење на правото.

Метју Валји, пак, адвокат и водечки британски експерт за правни ризици, вели дека инклузијата на правниците во креирањето на стратешкото планирање на ризиците е вистински чекор и одличен бизнис потег затоа што нивниот поглед и опсервација е менаџерски иновативен. Во тој контекст, правниците се доверливи бизнис советници, вели тој, додавајќи дека поинакво решение кое отстапува од поставените дискурси на модрениот бизнис е демотивирачко за самите деловни субјекти, но и за самото општество во глобална конотација.


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 5.08.2014