/ Прочитано:

1.275

Правничкиот подмладок треба рано да се запознае со темната страна на бидувањето адвокат

Голем е бројот на истражувањата што покажуваат дека меѓу адвокатите владее висок степен на депресија. Брајан Кларк, професор на Правниот факултет во Шарлот, Северна Каролина (САД),  преку обелоденување на личното искуство во борбата против клиничката депресија, укажува дека правните факултети често избегнуваат да ги расветлат темните страни на бидувањето адвокат. Професорите, вели тој, треба да вложуваат што поголеми напори за доближување на идните адвокати до темите поврзани со депресијата во нивната професија. На тој начин ќе се зголемат шансите за надминување на менталните тешкотии во адвокатурата и за отстранување на стигмата наметната врз нив. Дури и да не бил соочен со слични тешкотии, порачува Кларк, секој професор може да поттикне дијалог за важноста на менталното здравје во адвокатското секојдневие.

Брајан Кларк, професор по граѓански парници, по работно право и по дискриминација на пазарот на трудот, поаѓајќи од своето искуство, преку интроспективен приод се обидува да им објасни на студентите дека ќе си го одземел животот ако не побарал лекарска помош и стручно советување по инсистирањето на сопругата. Неговиот случај не е единствен и доста добро им е познат на студентите што ги слушаат неговите предмети. Околу две недели пред крајот на семестарот, кога спроти испитната сесија и сред многуте зададени рокови се зголемува притисокот за учење и за пишување, тој ја остава настрана наставната програма и почнува да ја расплетува пред студентите сопствената приказна. Кога завршува со раскажувањето, преминува на подробно разгледување на животот на еден адвокат во Америка.

„На студентите постојано им зборувам за предизвиците со коишто секојдневно мора да се соочува адвокатот: да ја издржи емоционалната тежина на проблемите на своите клиенти; да ја прифати конкуренцијата што демне во противречниот систем; да излезе накрај со своите неразумни и непрофесионални противници; да се помири со фактот дека некој мора да ја изгуби судската парница; да сфати колку сериозни последици може да има губењето битка на суд врз животот на засегнатиот клиент; да ги спушти на земја нереалните очекувања што претходно ги имал за бидувањето адвокат; да го напушти тврдењето дека се најуспешни оние адвокати што работат во големи адвокатски друштва; да си постави граници за разумно дејствување; да се ослободи од помислата дека деноноќно мора да седи на работа итн“, образложува Кларк.

Проблемите поврзани со депресијата, според Кларк, одамна им се познати на професорите по право, но за студентите се вистинско откровение. Многумина се запишуваат на правни студии бидејќи не знаат што конкретно ги интересира од областа на правото или, пак, не знаат што да прават со своите дипломи по историја. Дотолку повеќе, мал е бројот на младите правници што имаат реална претстава за успехот на еден адвокат. Под влијание на своето окружување, на популарната култура и, во последно време, на Интернетот, мнозинството млади смета дека кариерата најбрзо се развива во некое големо адвокатско друштво, мисли дека токму таму се постигнува највидлив напредок; верува дека само како партнер во голема фирма може да се заработат големи пари.

„Секојпат кога зборувам со студентите на оваа тема, забележувам освестување кај нив. Тоа што ниеден професор претходно не смогнал сили да им каже дека се чувствува потиштен под товарот на правничкото секојдневие е знак дека во општеството прикриено владеат депресијата и напнатоста. Мојата исповед им дала повод на многумина отворено да разговараат за своите тегоби и без каков било срам да побараат стручна помош кога се наоѓаат во криза. Најбитно за мене е тоа што сите студенти, коишто поединечно разговарале со мене, изразиле благодарност за мојата искреност. Тоа ниту ја нарушило во каков било поглед нивната доверба во мене, ниту, пак, довело до промена на нивниот став за мене како просветен работник и, уште повеќе, како човек. Сосема спротивно, мојата отвореност ја зајакна нашата меѓусебна почит“, потцртува Кларк.

Обединувајќи ги наодите од истражувањето на проблематиката, Кларк им порачува на просветните работници да вложат што поголеми напори за доближување на идните адвокати до темите поврзани со депресијата во нивната професија. Навременото запознавање на младите со подробностите на депресијата ќе ги зголеми шансите за надминување на менталните тешкотии во адвокатското секојдневие. На тој начин ќе се подобрат и изгледите за отстранување на стигмата што со години се наметнува врз нив; дури и да не бил соочен со слични тешкотии, секој професор може да поттикне дијалог за значењето на менталното здравје. На неискусните студенти, укажува најпосле Кларк, треба секогаш наново да им се предочува колку е битно да носат свесни и разумни одлуки за својата иднина.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 17.12.2014