/ Прочитано:

3.320

ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ГИ ПРЕДЛАГА И КОЕВСКИ И ТУПАНЧЕСКИ ЗА НОВ ДЕКАН: Конечната одлука ќе ја има ректорот на УКИМ

Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на денешната седница гласаше за избор на нов декан на Факултетот.

slika

Професорот Горан Коевски добил 35 гласа од членовите на Наставно-научниот совет, додека, пак, професорот Никола Тупанчески – 33 гласа. Бидејќи двајцата кандидати за декан имаат добиено мнозинство од гласовите, како што велат за Академик од Правниот факултет, предлогот и за двајцата кандидати ќе оди на одлучување кај ректорот на УКИМ, кој ќе избере кој од предложените кандидати ќе биде новиот декан.

Минатата година со  мнозинство за нов декан беше избран проф. д-р Горан КоевскиИмено, по оставката на деканот Борче Давитковски минатата година беше спроведена постапка за избор на декан која беше поништена од страна на просветната инспекција, поради што се водеше управен спор кој резултираше со пресуда во корист на Коевски.

Биографиите на професорите Коевски и Тупанчески

Во биографијата на д-р Горан Коевски стои дека дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во 1988 година. Во 1996 година магистрирал на Правниот факултет при Универзитетот во Нови Сад, Србија, на тема: „Долгорочни инструменти за финансирање на претпријатијата, со посебен осврт на обврзниците како долгорочна хартија од вредност во споредбеното право“.

На истиот факултет докторирал во мај 2000 година на тема: „Договорот за дистрибуција на стока во споредбеното право“.

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје е вработен од 1989 година, каде што од 2010 година е избран за редовен професор на научната област трговско право.

akad 1

Од ноември 2000 до октомври 2004 година ја вршел функцијата продекан за настава на Правниот факултет во Скопје.

Има објавено повеќе од седумдесет научни и стручни трудови во домашни и странски списанија. Самостојно и во коавторство објавил повеќе монографии, од кои поважна е неговата монографија „Компаративно корпоративно управување“, која е објавена во издание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во октомври 2005 година.

Бил член на стручни работни групи за изработка на закони и подзаконски акти во Република Македонија, како и член на тимови кои давале експертски консултации за потребите на правните лица во Републикава. Истовремено, д-р Коевски е член на повеќе стручни здруженија и асоцијации во земјата и во странство.

На стручно и научно усовршување престојувал во Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Италија, Унгарија, Руската федерација, Германија и други. Од јануари до септември 2005 година бил Фулбрајтов стипендист на Правниот факултет при Универзитетот „Колумбија“, Њујорк, а во текот на септември 2006 година бил стипендист на Институтот за меѓународно приватно право „Макс Планк“ во Хамбург, Германија.

Д-р Никола Тупанчески е професор во областа на казненото право. Во 1988 година бил избран за помлад асистент на Правниот факултет, а во 2012 година бил избран за редовен професор. Во 1995 магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со магистерскиот труд под наслов: „Противправно заземање земјиште во државна сопственост“. Докторирал на Државниот универзитет „Ломоносов“, Москва, Русија, во 2002 година со докторскиот труд под наслов: „Даночното затајување во споредбеното право и во правото на Република Македонија“.

Професорот Тупанчески ги предава предметите Казнено право, Меѓународно казнено право, Економско казнено право, Медицинско казнено право, Криминална политика, Компаративно казнено право и Малолетничко казнено право. Во периодот од 2008 до 2013 година бил продекан за меѓународна соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

akad 1

Предавал на втор циклус студии – магистерски студии по интелектуална сопственост (IPRs Enforcement) како соработка на Универзитетот од Стразбур и УКИМ од 2010 до 2011 , а учествувал и во предавањата на постдипломските студии на Филозофскиот факултет во Скопје – Европски студии за интеграција, на Полициската академија и на магистерските студии по форензика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Тупанчески раководел со постдипломските студии од областа на казнено-правните науки, а бил и постојан претставник во Групата на држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО), Совет на Европа. Учествувал во повеќе експертски комисии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како и во Министерството за правда на Република Македонија во врска со реформскиот процес на македонското казнено законодавство, а бил вклучен и во Советот за судски реформи во рамки на Владата на Република Македонија.

Тупанчески е ментор на повеќе магистерски тези и докторски дисертации. Членството во Арбитражниот одбор на Меѓународниот арбитражен суд, во Уредничкиот совет во научното и практично списание „Општество и закон” и претседателствувањето со Македонското претставништво на Здружението на криминалисти и криминолози (Союз криминалистов и криминологов), се дел од неговата биографија.

Професорот Тупанчески е и правен експерт и предавач во бројни домашни и странски институции и организации.  Учесник на бројни меѓународни и домашни истражувачки проекти и автор е на значајни научни трудови и публикации.

М. В.