/ Прочитано:

3.353

Правниот факултет „Јустинијан Први“ го објавува Коментарот на Законот за кривичната постапка, промовиран од Мисијата на ОБСЕ

Изминатите три години Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“ работеа на првиот Коментар на Законот за кривичната постапка од 2010 година, известуваат од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Автори на Правниот коментар се: проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Гордана Лажетиќ, Лидија Неделкова, судија на Врховниот суд, Маја Денковска, судија на Основниот суд Куманово, Мери Тромбева, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, д-р Тодор Витларов, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип, д-р Павлина Јанкуловска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Битола, и м-р Дељо Кадиев, адвокат од Скопје. Уредник и соработник на Коментарот на ЗКП е Ана Новакова-Жикова, национален офицер за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Ангажманот на авторите е преточен во практична алатка, која ќе помогне за уедначена примена на Законот. Коментарот е првенствено наменет за практичарите, судиите и обвинителите, адвокатите и обвинетите, полициските службеници и сите други кои се занимаваат со казнената постапка, вклучително и новинарите“, се вели во известувањето на Правниот факултет.

„Состојбите во судството, како никогаш досега, имаат централно место во стручните и во политичките расправи и се наведуваат како главна пречка во процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО. Денес се наоѓаме во потрага по една модерна европска кривична постапка, во која ќе се почитуваат човековите права и слободи, но која истовремено ќе биде и доволно ефикасна“, истакнуваат авторите во Правниот коментар на Законот за кривичната постапка.

Текстот, бездруго, ќе биде корисно четиво и за сите кои допрва се обучуваат во вештините на казненото право, студентите по право и безбедност, постдипломци од различни области и докторанди. Целокупниот проект беше финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје кон крајот на минатиот месец го промовираше Правниот коментар на Законот за кривичната постапка. На настанот беше нагласено дека реформата на казненоправниот систем денес претставува приоритетна правна, политичка и општествена задача на Република Македонија.

Коментарот на Законот за кривичната постапка може да се преземе подолу, поделен на три дела.

1 дел   2 дел   3 дел

Мисијата на ОБСЕ во Скопје го промовираше Правниот коментар на Законот за кривична постапка

М.В