/ Прочитано:

1.849

Правниот факултет „Јустинијан Први“ го одбележа 70-годишниот јубилеј

Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ оваа година одбележува 70 години од основањето. Ден на Факултетот е 3 ноември, денот кога со Уредбата донесена од страна на Владата на НР Македонија беше основан Правно-економскиот факултет. На Правниот факултет традиционално се одбележува и 10 декември како меѓународен ден на правата на човекот.

По повод јубилејот Правниот факултет „Јустинијан Први“ одржа Академија која се одржа во живо по електронски пат. На настанот се обратија претседателот на Република Северна Македонија проф. д-р Стево Пендаровски (воедно покровител на јубилејот), ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – проф. д-р Никола Јанкуловски, претседателката на Универзитетското студентско собрание – Ева Цветковска и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје – проф. д-р Сашо Георгиевски.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ е најстарата високообразовна установа во републиката од сферата на правните, политолошките и комуниколошките науки. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 3 ноември 1951 година како отсек на Правно-економскиот факултет на Универзитетот во Скопје, а од 1 јули 1956 година работи како прва, самостојна високообразовна институција од областа на правните науки.

Во 2001 година Правниот факултет, по повод 50-годишнината од своето постоење, со одлука на Наставно-научниот совет беше преименуван во Правен факултет „Јустинијан Први” (Facultas Iuridica lustinianus Primus). Во 2016 година Правниот факултет ја прослави 65 годишнината од своето постоење.

„Преку постојаното осовременување на студиите и создавањето на вистинско знаење, Правниот факултет „Јустинијан Први“ повеќе од 65 години дефинира што факултетот треба да биде. Тука и сега. Секогаш Први!“, гласи мотото на Прваниот фаултет „Јустинијан Први“, на кој денес се организраат правни студии, политички студии, студии по новинарство и студии за односи со јавност.

Во рамки на јубилејот на Правниот факултет беше организиран и свечен прием  под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, проф. д-р Стево Пендаровски.

М.В