/ Прочитано:

1.771

Правниот факултет во Загреб и Институтот за казнено право „Макс Планк“ организираат обуки за европско казнено право во Дубровник

Специјализираните обуки „Жан Моне“ во областа на европското казнено право и казнените политики се насочени кон подобрување на заштитата на жртвите во ЕУ и градење на заедничка доверба меѓу земјите членки на ЕУ.

Обуките „Жан Моне“ се одржуваат втора година по ред во Дубровник, од 22 до 28 април 2018 година, во организација на Правниот факултет во Загреб и Институтот за казнено право „Макс Планк“ при Универзитетот во Фрајбург.

Главната цел е да се пренесат напредни знаења и практики од областа на казненото право во ЕУ, како и политиките за подобрување на заштитата на жртвите и градење на заедничка доверба меѓу земјите членки на ЕУ. Обуките ќе обезбедат место не само за трансфер на знаење на студентите и младите истражувачи, но исто така и интензивен академски дијалог меѓу еминентни ЕУ-експерти во оваа област, со цел да се создаде одржлива академска мрежа на експерти и млади истражувачи. Како предавачи на курсот се предвидени еминентни експерти од ЕУ, од Балканскиот Регион и од САД, кои ќе се осврнат на современите теми и предизвици.

Обуките се отворени за сите заинтересирани учесници од академските институции, пред сè за додипломски и постдипломски студенти по право, политички науки, новинарство, безбедносни науки, како и претставници на невладиниот сектор, адвокати и обвинители.

Сите учесници имаат можност да подготват презентација на своите истражувачки проекти. Презентациите се од 10 до 15 минути на англиски јазик, при што учесниците се здобиваат со сертификат и 4 ЕКТС-поени, признаени од Правниот факултет во Загреб.

Онлајн апликацијата е отворена до 5 април 2018 година, а повеќе информации има на следниот линк https://www.pravo.unizg.hr/KP/dubrovnik_spring_course_eu_substantive_criminal_law_and_the_protection_of_victims.

M.В