/ Прочитано:

3.666

„Правните субјекти сакаат олеснето работење, а токму тоа им го нуди меѓународната арбитража“ – Зоран Андоновски, адвокат и судија во Меѓународниот арбитражен суд во Софија

Во последно време сè почесто сме сведоци дека се става акцент на алтернативно решавање на споровите. Една од алтернативите за решавање на споровите претставува и меѓународна трговска арбитража. Меѓународната трговска арбитража како современ правен институт претставува алатка која станува достапна во секое современо општество, вели Зоран Андоновски, адвокат и судија во Меѓународниот арбитражен суд во Софија.

Неодамна бевте избран за судија во Меѓународниот арбитражен суд во Софија. За каков суд станува збор и каква е неговата цел и неговата надлежност?

Точно е, да. Неодамна бев избран за меѓународен арбитер при Меѓународниот трговски арбитражен суд со седиште во Софија, Р Бугарија. Овој суд претставува независна меѓународна трговска арбитража, дел од Меѓународната асоцијација за правда и арбитража на Р Бугарија. Организацијата на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија и статусот на арбитрите кои постапуваат по предмети пред ова арбитража се одредени со Уставот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија. Во Судот има доста професионалци кои одговорно се справуваат со предизвиците што ги носи со себе меѓународната арбитража, почнувајќи од Секретаријатот на Судот, па сè до претседателот на Судот Марија Јанева од Софија, Р Бугарија, која не е само претседател на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, туку е и меѓународен арбитер при Московскиот арбитражен суд на Руската Федерација и претседател на Меѓународната асоцијација за правда и арбитража на Р Бугарија. Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија има надлежност да постапува и да решава граѓански и трговски имотни спорови, во рамките на надлежноста дозволена со Граѓанскиот процесуален кодекс на Р Бугарија, вклучително и спорови со интелектуална сопственост, спорови за пополнување на правни празнини во договори и спогодби склучени помеѓу субјекти на приватното право, или нивното приспособување кон новонастанати околности, независно од тоа дали седиштето или местото на живеење на едната или на двете странки е во Р Бугарија или надвор од неа. Надлежноста на Судот се утврдува врз основа на арбитражна клаузула која задолжително треба да ја содржи секој договор помеѓу разни субјекти на приватното право, а исто така надлежноста може да биде утврдена со склучување на посебна спогодба помеѓу договорните страни кои со потпишување даваат согласност дека доколку дојде до спор, согласни се спорот да биде разрешен пред Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија. Според членот 2 ст. 4 од Правилникот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, се смета дека постои писмена арбитражна спогодба и тогаш кога тужителот ќе поднесе тужба до Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, а тужениот писмено или со изјава, одбележана во записникот на арбитражната расправа, ќе прифати спорот да се решава од Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, или ќе изврши дејствие по него, насочено кон решавање на спорот во суштина, без да ја оспорува надлежноста на Арбитражниот суд. Според членот 2 ст. 4 од Правилникот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, се смета дека постои писмена арбитражна спогодба и кога тужителот ќе поднесе тужба до Арбитражниот суд, а тужениот нема да ја оспори надлежноста на Арбитражниот суд во рокот за одговор на тужбата. Во спорови до 25 000 лева е предвидена забрзана постапка според Правилникот на Судот и во овие постапки постапува арбитер поединец каде што роковите за поднесување тужба, за одговор на тужба, за расправи пред Арбитражниот суд се скратени, а арбитерот во овие случаи го именува претседателот на Арбитражниот суд. Во споровите над 25 000 лева постапува арбитражен совет од тројца арбитри, во кој страната која поднесува тужба определува еден арбитер, тужената страна го определува вториот арбитер, а претседателот на Арбитражниот суд го определува третиот арбитер. Основни акти врз основа на кои постапува Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија се Законот за меѓународна трговска арбитража на Р Бугарија, Граѓанскиот процесуален кодекс на Р Бугарија, Њујоршката конвенција за признавање и извршување на странски арбитражни одлуки, која ја има ратификувано и РМ, Европска конвенција за внатрешно трговска арбитража, Правилникот на Арбитражниот суд, како и Тарифата за арбитражни такси и трошоци на Арбитражниот суд.

Што беше предизвик за Вас да станете судија, односно арбитер во овој суд?

Предизвик првенствено претставуваше фактот дека Р Бугарија е членка на ЕУ, каде што правната регулатива е на високо ниво. Таму дури имаат направено реформа на граѓанското законодавство за што говори и фактот дека имаат донесено Граѓански процесуален кодекс кој содржи 303 страници, кој има претрпено незначителни измени, во кој ги имаат уредено сите правни состојби во граѓанската материја. Една од причините зошто се нафатив да бидам дел од тимот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија беше понудата од  Марија Јанева од Софија, Р Бугарија, која, како што веќе кажав, не е само претседател на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, туку е и меѓународен арбитер при Московскиот арбитражен суд на Руската Федерација и претседател на Меѓународната асоцијација за правда и арбитража на Р Бугарија. За да станам арбитер предизвик беше и фактот дека станува збор за меѓународна трговска арбитража, каде што доаѓаат предмети од територијата на цела Европска Унија , а да не го заборавам и фактот дека во наредниот период, постапувајќи како арбитер на овој суд, ќе можам да ја реализирам желбата за професионално усовршување надвор од границите на РМ. За мене значеше многу довербата што ја добив од страна на Марија Јанева од Софија, Р Бугарија, која е вистински професионалец во својата професија, за што говори и нејзиното искуство како меѓународен арбитер. Во Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија постои добра организација помеѓу арбитрите. Секретаријатот на Судот секогаш е на висината на својата задача и педантно и навремено ги подготвува предметите, со што придонесува и особено ја олеснува постапката пред арбитражните совети. Предизвик беше и дека овој суд претставува независна меѓународна трговска арбитража, во чие постапување арбитрите се водат од доказите кои страните ги изнесуваат пред арбитражниот совет и кои подлежат на проверка од страна на арбитражниот совет.

Колку адвокатското искуство придонесува еден професионалец од правото да може професионално да се изрази како судија?
Сметам дека адвокатското искуство е особено значајно за еден професионалец да може да се изрази како судија. Ќе ме прашате зошто го велам ова. Ова го потенцирам од причина што адвокатите во секојдневното постапување се соочуваат со ситуации кои значат да се биде или не, со ситуации од кои едната од страните добива нешто, а другата го губи правото што го имала дотогаш. Работам повеќе од 10 години како адвокат и во моето работење 99 % од предметите по кои имам постапувано се од областа на корпоративното управување, јавно приватно партнерство, концесии, трговски друштва и сл., и преку нив се имам соочено со секакви можни ситуации. Меѓутоа искуството не доаѓа само по себе. Мора да се работи доста напорно, да се влезе во суштината, односно во сржта на секој законски пропис, подзаконски акт, уредба, што од формално-правен аспект и од материјално-правен аспект придонесува адвокатот ги преземе сите дејствија во корист на својата страна, со што ги штити интересите на странката. Лично јас имам учествувано во многу постапки кои во овој случај ќе ми помогнат да ја извршувам одговорно улогата на меѓународен арбитер при Арбитражниот суд. Има голема разлика во постапувањето како адвокат и во постапувањето како арбитер, меѓутоа подготвен сум да се соочам со еден ваков предизвик бидејќи во своето постапување арбитрите се водат од доказите кои страните ги изнесуваат пред арбитражниот совет, а кои подлежат на проверка од страна на арбитражниот совет. Во секој случај за мене адвокатурата претставуваше отскок кој ми беше потребен во натамошното мое стручно усовршување како меѓународен арбитер при Арбитражниот суд.

 Во теоријата и во практиката веќе подолго време се акцентираат предностите од алтернативното решавање на споровите. Какви се предностите за граѓаните и за деловните субјекти од ваквото решавање на споровите, особено во контекст на арбитражата?

Во последно време сè почесто сме сведоци дека се става акцент на алтернативно решавање на споровите. Една од алтернативите за решавање на споровите претставува и меѓународна трговска арбитража. Меѓународната трговска арбитража како современ правен институт претставува алатка која станува достапна во секое современо општество. Токму меѓународната трговска арбитража е она што е неопходно за брзо, едноставно и без поголеми оптоварувања и трошоци да можат да се надминат ситуациите со кои се соочува конкретно стопанскиот сектор при извршувањето на своите редовни работи и работни задачи, а особено при исполнувањето на редовните права и обврски кои произлегуваат од склучувањето на договори со меѓународен елемент. Тука веднаш и граѓаните и бизнис-заедницата ќе го постават прашањето зошто би ја избрале арбитражата. Меѓународната арбитража во општество какво што е нашето веќе претставува неопходна и повеќе од потребна алатка за да се заштедат време и пари и долги парничења кои би траеле во недоглед. Постапката пред меѓународната арбитража трае релативно кратко, а одлуката не подлежи ниту на редовни ниту на вонредни правни лекови. Одлуката на Арбитражниот суд, во согласност со Њујоршката конвенција, се потврдува на територијата на секоја земја која ја има потпишано и ратификувано Конвенција, меѓу кои е и Р Македонија, и како извршна исправа може да се реализира без создавање на непотребни судски трошоци. Во држава како што е нашата, доверителот секогаш се наоѓа во нерамноправна положба во однос на должникот. Дури и Законот за финансиска дисциплина, кој беше донесен од страна на Собранието на РМ, не успеа да ја исполни својата цел и да ги дисциплинира должниците во извршувањето на своите обврски кон доверителите, иако овој закон содржи грст прекршочни и казнени одредби. Зошто македонското стопанство во реализацијата на својата цел – освојување на нови странски пазари, да не ја користи меѓународната арбитража, која може да донесе само придобивки? Нема веќе водење судски постапки до недоглед, нема враќање на предметите на повторно постапување, туку со изнесување на предметот пред арбитражниот совет на Арбитражниот суд, арбитражниот совет за многу кус период донесува одлука, која може да се изврши лесно и едноставно. Затоа сметам дека меѓународната арбитража допрва ќе заживее во РМ, а страните сè почесто ќе ја користат во свој интерес. За илустрација, Постојаниот избран суд – Арбитража, при Стопанската комора на РМ, во 2016 година имал само 10 предмети, додека бројката на предмети по кои постапувал Меѓународниот трговски арбитражен суд со седиште во Софија, Р Бугарија, е далеку поголема, што значи дека и граѓаните и бизнис-заедницата во Р Бугарија, ги имаат сфатено придобивките што ги нуди меѓународната арбитража. Во меѓународната арбитража многу битен елемент играат и трошоците, па имаме многу скапи арбитражи како што се лондонската, париската, кои се оптоварување за страните, меѓутоа Меѓународниот трговски арбитражен суд со седиште во Софија, Р Бугарија, ја има ускладено својата тарифа со можностите на договорните страни, па затоа заинтересираноста за Арбитражниот суд каде што јас сум арбитер се зголемува од ден во ден.

Дали е потребно зајакнување на правната култура во тој поглед?

Многу треба да се работи на зајакнувањето на правната култура во РМ, особено во поглед на алтернативното решавање на споровите. Тука особено мислам на арбитражата бидејќи и обичниот граѓанин и бизнис-секторот сè уште не се информирани за придобивките што ги нуди арбитражата. Кога станува збор за правни субјекти кои вршат меѓународен извоз на стоки во земјите членки на ЕУ, сметам дека не можат да функционираат и да го организираат секојдневното работење доколку не ја користат меѓународната арбитража. Наместо да водат постапки во земјата каде што го вршат извозот, спорот би го предале на меѓународна арбитража која ќе им заштеди пари, време и несакани ситуации. Полека правната култура кај нас оди во насока на алтернативно решавање на споровите, па само прашање на време е кога арбитражата ќе биде секојдневна алатка во работењето на бизнис-заедницата. Правните субјекти сакаат олеснето работење, а токму тоа им го нуди меѓународната арбитража.

M.В