/ Прочитано:

1.292

Правници цела армија, оратори едвај за бригада: правничкиот подмладок мора да развива говорнички вештини за идни триумфи во судницата

Седумнаесетта година по ред, Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе биде денеска зборно место за Ораторската вечер „Иво Пухан“. Натпреварувачкото збиднување инспирирано од говорничките умешности на некогашниот професор по римско право, речиси две декади сведочи за важноста на развивањето вештини за убаво изразување, докажувајќи дека успешниот правник, пред сè, мора да биде добар оратор. Настрана од востановениот континуитет на Ораторската вечер, традицијата на говорништвото и дебатната култура во правничка Македонија не оставаат длабок впечаток. Цицерон тврдел оти совршениот оратор е недостижна категорија, но добриот правник никогаш не смее да ја напушти намерата да биде барем приближно совршен додека трага по Вистината. Со голема буква, бидејќи правдата ја демнат нови мрачни времиња сред пробивот на дигиталната револуција.

Цицерон е нашироко познат по своите белешки за реториката и за идеалот на совршениот оратор. Неговата дефиниција за реториката како „цивилизирачка сила што го овозможува човековиот социјален живот“ е одамна зацврстена категорија. Според неговите разгледи, од ораторот едновремено се очекуваат остроумието на логичарот, мислата на филозофот, дикцијата на поетот, помнењето на правникот, гласот на трагичарот и беспрекорното држење на актерот. Највисокиот идеал за совршениот оратор е тој да биде олицетворение на вредностите на државата, а за тоа неминовно мора да поседува и мудрост и речитост; ако некоја од овие две особености му недостасува, тој не може да биде совршен: речитоста без мудрост е само виор нафрлани зборови, додека мудроста без речитост има само оскуден исход. Овие начела, без оглед на достижноста, се мапа за ориентирање и на учесниците на Ораторската вечер „Иво Пухан“. Борјан Топуковски, претседателот на Клубот на оратори, гледа цврста врска помеѓу правото и говорништвото.

 „Кога зборуваме за говорништвото и за правото, мора да истакнам дека помеѓу нив има долга и нераскинлива врска; добриот говор на бранителот, жестокиот завршен збор на јавниот обвинител, или, пак, мудрите мисли на судијата — секогаш се во функција на една благородна цел: остварување на правдата и на правичноста. Оттаму и уверувањето на Цицерон, според кого за да бидеш добар адвокат, мора да си одличен оратор. Ова е седумнаесетта година по ред како од говорницата на Правниот факултет ораторите ја праќаат својата мисла и пораката до јавноста. Низ годините, на оваа говорница продефилирале актуелни и мошне успешни политичари, новинари и правници, а денес, Ораторската вечер се етаблира себеси како вистински расадник на идните лидери на македонското општество“, потцртува Топуковски во својот коментар за „Академик“ спроти вечерашното одржување на Ораторската вечер на Правниот факултет „Јустинијан Први“, почнувајќи во 18.00 часот.

 Дебатата е игра со вистински последици за правниот свет

На еднаква висина со говорништвото стои и дебатната култура. Помеѓу дебатата, како организирана и аргументирана дискусија, и правото постојат крупни разлики: најпрвин, вкрстеното испрашување е помалку важно во дебатата отколку во правото (во споредба со вообичаеното ограничување од три минути во постојните дебатни формати, ако судијата дозволи, вкрстеното испрашување во судницата може да трае колку што има потреба). Освен тоа, адвокатите мора да ги прилагодат својот говорнички стил и селектирањето аргументи на реалностите на различните правни форуми, каде што учествуваат, вклучувајќи ги „акцентот, висината на звукот, модулацијата на гласот, како и јазичниот стил“. Конечно, една од најблагородните разлики во полза на правото е што правните професии ретко даваат признание за дебатната практика на брзоплето нафрлување аргументи поради цајтнот. Според тоа, концизноста, здравиот разум и осетот за распоредување приоритети се покажуваат како извонредно ценети човекови особености при вербалното применување на правото.

Сепак, и покрај очевидните разлики, не смее да се замижи пред фактот дека дебатата сериозно може да му помогне на правникот да стекне неопходни вештини со кои полесно ќе нижи успеси на теренот или во судницата. Раното вклучување на поединецот во дебатните кругови ќе ја зајакнат неговата способност за снаоѓање и за прилагодување на институционалните судски практики; ќе ја поткрепи умешноста за побивање на аргументите на противникот преку доследно изнесување докази во полза на застапуваното лице; ќе ја зацврсти неговата вештина за прибирање и за толкување примарни и секундарни извори при истражувањето на случаите. Дотолку повеќе, дебатирањето ќе ја подучи индивидуата како да ги распореди доказите и да ги обедини аргументите во еден единствен наратив, кој како смисловно реконструирана приказна ќе им овозможи на судиите подобро да одмерат помеѓу доброто и лошото.

На крајот на краиштата, дури и ако некој ја сфати како игра, дебатата носи со себе сериозни последици за реалниот свет. Техниките и вештините што се учат при активното дебатирање, особено во помладите години, неминовно наоѓаат своја примена во стварноста на подоцнежна возраст. Борбата за своите ставови и конкуренцијата со противниците се во тој поглед вистински повод да му се всади на правничкиот подмладок волја за учење и за напредување. Како и секоја игра, и дебатата ја има од една страна победата како конечна цел, но на другиот крај на видикот се наѕира и нејзината моќ за мотивирање на младите правници да сторат повеќе од неопходниот минимум во својата кариера и наместо да прижелкуваат победа поради себе, да си постават повисока цел: барањето на Вистината. Со голема буква, бидејќи правдата ја демнат нови мрачни времиња сред пробивот на дигиталната револуција.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 9.12.2013