/ Прочитано:

1.798

Правно мислење на Врховниот Суд: Јавниот обвинител има обврска да даде мислење по барањата за укинување или замена на мерката притвор

Вторник, 25 март 2014Врховниот Суд на Република Македонија донесе правно мислење дека Јавниот обвинител има обврска да даде мислење по барањата за укинување или замена на мерката притвор, поднесени од обвинетите и нивните бранители.

Врховниот суд на Република Македонија закажа и одржа седница на која по разгледувањето на поднесеното барање од судијата на претходна постапка на Основниот суд Скопје I Скопје и расправањето, донесе правно мислење кое се темели на следните причини:

Согласно член 164 точка 1 од Законот за кривичната постапка (“Сл.весник на РМ“ бр.150/10 и 100/12), притвор може да се определи само под условите предвидени во овој закон. Според точка 2 од истиот член, траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време.

Должност е на сите органи што учествуваат во кривичната постапка и на органите што им укажуваат правна помош, да постапуваат со особена итност, ако обвинетиот се наоѓа во притвор. Според став 4 од истиот член, во текот на целата постапка, притворот ќе се укине веднаш штом ќе престанат причините врз основа на кои бил определен.

Според член 166 од истиот закон, притвор во претходна постапка определува судот по писмен и образложен предлог на овластен тужител и само врз основите што ги навел овластениот тужител во предлогот.

Според ова, во кривичните постапки во кои постапувајќи по предлог за определување на мерка притвор доставени од надлежниот јавен обвинител, надлежниот судија на претходна постапка донел решение со кое на обвинетите им определил мерка притвор, Јавниот обвинител во текот на траењето на истражната постапка треба да даде соодветно мислење и да се произнесе по барањата за укинување и замена на определената мерка притвор, поднесени од обвинетите и нивните бранители.

Ова, од причина што судијата на претходна постапка мора да биде запознат со тоа дали се уште постојат основите по кои мерката притвор е определена во текот на траењето на истражната постапка, имајќи ја притоа предвид законската одредба содржана во член 164 точка 4 од цитираниот закон, во која е предвидено дека во текот на целата постапка притворот ќе се укине веднаш штом ќе престанат причините врз основа на кои бил определен.

Со новиот концепт содржан во Законот за кривичната постапка, судската истрага практично се прескокнува, но не се заменува со формална обвинителска истрага. Доследното имплементирање на овој концепт и почитување на духот на истиот, подразбира негово интегрално третирање, имајќи ја притоа предвид акцентираната улога на Јавниот обвинител.

Меѓутоа, од оваа улога во исто време произлегува и неговата обврска за постојано, активно и ефикасно постапување и комуникација со странката, како и обврската за вистинско и потполно почитување на основните човекови права и слободи загарантирани со Европската конвенција за заштита на правата на човекот.

(М.В.)