/ Прочитано:

5.544

Правно мислење на Врховниот суд на РСМ за надомест на штета поради неосновано лишување од слобода и поради неоснована осуда

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 68 од Судскиот деловник („Службен весник на РМ“ бр. 66/2013 и 114/2014) и член 33 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр.14/2022), постапувајќи по заклучокот на граѓанските оддели на четирите апелациони судови во Република Северна Македонија, за расправање по правно прашање заради обезбедување на единствена примена на законот и воедначување на судската практика, на седницата одржана на ден 21.03.2023 година, го утврди следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

I.
Надомест на штета поради неосновано лишување од слобода

Лице кое било во притвор или издржување на казна затвор лишување од слобода, доколку постапката е запрена со правосилно решение поради апсолутна застареност на кривично гонење, има право на надомест на штета, освен ако со свои недозволени постапки причинило лишување од слобода.

II.
Надомест на штета поради неоснована осуда

Осудено лице со правосилна кривична пресуда против кое по повод вонреден правен лек обвинението е одбиено, има право на надомест на штета без оглед што не било лишувано од слобода, освен ако со лажно признание или на друг начин намерно ја причинило својата осуда.

О б р а з  л о ж е н и е

До Врховниот суд на Република Северна Македонија -Оддел за граѓански дела доставен еЗаклучокот на четирите апелациони судови донесен на работната средба одржана на ден 08-09.06.2022 година, за воедначување на судската практика за правните прашања, дали на лице кое било во притвор му следува надомест на штета доколку постапката била запрена поради апсолутна застареност на кривично гонење во смисла на член 553 од Законот за кривичната постапка (во услови кога самиот не се довел со недозволени постапувања да биде лишен од слобода), и дали на осудено лице со правосилна пресуда за кое по вонреден правен лек обвинението е одбиено, му следува надомест на штета доколку не бил лишен од слобода или не започнал со издржување на казна затвор од таа пресуда.

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање го утврди правното мислење, поради следните причини:

Согласно член 549 став 1 од Законот за кривичната постапка, право на надоместок на штета поради неоправдана осуда има лицето спрема кое била правосилно изречена кривична санкција или кое е огласено за виновно, а е ослободено од казната, а подоцна по повод вонреден правен лек новата постапка правосилно е запрена или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено, освен во следниве случаи, ако: 1) дозапирање на постапката или пресудата со која обвинението се одбива дошло поради тоа што во новата постапка приватниот тужител се откажал од гонењето или оштетениот се откажал од предлогот, а до откажување дошло врз основа на спогодба со обвинетиот и 2) сорешение во новата постапка обвинителниот акт бил отфрлен поради тоа што судот не бил надлежен, а овластениот тужител го започнал гонењето пред надлежниот суд.

Според став 2, осудениот нема право на надоместок на штета ако со свое лажно признание или надруг начин намерно ја причинил својата осуда, освен ако на тоа бил присилен.

Според член 553 став 1, точка 1 од Законот за кривичната постапка, право на надоместок на штетата му припаѓа и на лицето: кое било во притвор а не дошло до поведување кривична постапка или постапката е запрена со правосилно решение, или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено.

Според ставот 3 од истата одредба, надоместок на штета не му припаѓа на лице кое со свои недозволени постапки причинило лишување од слобода. Во случаите од ставот 1 точка 1 на овој член е исклучено правото на надоместок на штета иако постоеле околностите од членот 549 став 1 точки 1 и 2 на овој закон или ако постапката е запрена врз основа на членот 304 од овој закон.

Поаѓајки од содржината на наведените одредби од Законот за кривичната постапка, неспорно може да се заклучи дека во случај на запирање на кривичната постапка со правосилно решение поради апсолутна застареност на кривично гонење, лице лишено од слобода имаправо на надомест на штета согласно член 553 став 1, точка 1 од Законот за кривичната постапка, доколку не постојат околности за исклучувањеод такво право предвидени во став 3 од истата одредба. Такво право му припаѓа и на лице поради неоправдана осуда по член 549 став 1, точка 1 од Законот за кривичната постапка, доколку по повод вонреден правен лек обвинението е одбиено без оглед на тоа штоне било лишувано од слобода, освен ако не постојат околности за исклучување од правото на надомест на штета предвидени во член 549 ставот 2 и членот 553 ставот 3 од Законот за кривичната постапка, од причина што правото на надомест на штета зависи од конечниот исход на кривичната постапка кое е и  во согласнот со член 5 став 5 од Европската конвенција за човекови права и слободи.

Секако, тој што се повикува на околности предвидени во членот 549 став 2 и ченовот 553 став 2 од Законот за кривичната постапка поради кои не припаѓа правото на надомест на штета, односно е ускратено таквото право, е должен да предложи докази согласно член 205 став 1 од Законот за парничната постапка односно на него паѓа товарот на докажување.

ВРХОВЕН СУД
НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Оддел за граѓански дела