/ Прочитано:

4.080

Правно мислење на Врховниот суд за додаток за степен на кариера

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 68 од Судскиот деловник („Службен весник на РМ“ бр. 66/2013 и 114/2014), и член 31, член 32 и член 33 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр. 14/2022 од 20 јануари 2022 година), по одржаната расправа за правното прашање за примена на член 111 став 4 од Законот за административните службеници, во врска со правото на додаток на плата по основ на кариера („Службен весник на РМ“ број 27 од 05.02.2014 година), заради воедначување на судската практика помеѓу советите на Врховниот суд на Република Северна Македонија, го утврди следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Со унапредување на административниот службеник се укинува додатокот за степен на кариера предвиден со Законот за државните службеници, од причини што согласно Законот за административните службеници, додатокот за степен на кариера вредносно се изразува во делот од плата за ниво од член 87 став 3 од наведениот закон на кое е распореден унапредениот административен службеник.

О б р а з л о ж е н и е

Согласно член 111 став 4 од Законот за административните службеници, на државниот службеник на кој до денот на влегување во сила на овој закон, му се исплаќа додаток за степен на кариера согласно со Законот за државните службеници, износот на додатокот за степен на кариера ќе му биде пресметан како дополнителни бодови во вредност на исплатениот додаток, во делот на плата за нивото од членот 87 став 3 од овој закон.

Предвид да со наведениот Закон за административни службеници кој се применува од месец февруари 2015 година се укинува додатокот за степен на кариера предвиден со Законот за државните службеници, односно согласно член 111 став 1 од Законот за административните службеници натамошната примена на Законот за државните службеници се однесува само за започнати постапки во однос на вработување со и без пробна работа, дисциплинските постапки и постапките за оценување, од содржината на наведените одредби произлегува дека нема законска можност на унапреден административен службеник да му се исплатува додаток за степен на кариера предвиден со Законот за државните службеници и дека додатокот за степен на кариера со унапредувањето на административниот службеник вредносно се изразува во делот на плата за нивото од членот 87 став 3 од Законот за административните службеници на кое е распореден унапредениот административен службеник.

ВРХОВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА