Правно мислење на Врховниот суд за надлежност за извршување на судски одлуки со кои се определени привремени мерки
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 68 од Судскиот деловник („Службен весник на РМ“ бр. 66/2013 и 114/2014), и член 31, член 32 и член 33 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр. 14/2022 од 20 јануари 2022 година), постапувајќи по барање за донесување на правно мислење заради воедначување на судската практика, на седницата одржана на ден 12.07.2022 година, го утврди следното:
ПРАВНО МИСЛЕЊЕ
За извршување на судски одлуки со кои се определени привремени мерки како средство за обезбедување на побарување, надлежен е извршител согласно Законот за извршување.
О б р а л о ж е н и е
До Врховниот суд на Република Северна Македонија, Одделот за граѓански дела, поднесено е барање за донесување на правно мислење, во однос на прашањето кој орган е надлежен за спроведување и извршување на дејствијата утврдени со донесените судски решенија за издавање на привремена мерка, односно дали се тоа основните судови согласно одредбите од Законот за обезбедување на побарувањата или надлежни се извршителите согласно Законот за извршување. Потребата за донесување на правно мислење е образложена и поткрепена со прилози, решенија на судовите од кои произлегува невоедначена судска практика како и прилози од кои произлегува различно постапување на извршителите по поднесени барања за извршување на судски одлуки со кои се определува привремена мерка.
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање го утврди правното мислење, поради следните причини:
Согласно член 1 став 1 од Законот за обезбедување и на побарувањата (Сл. весник на РМ бр. 87/2007, бр. 31/2016), со овој закон се определуваат средствата за обезбедување на побарувањата, начинот на кој тие се определуваат, правилата според кои судот постапува за обезбедување на побарувањата, како и постапувањето на нотарот и постапувањето на извршителот во врска со тоа.
Согласно член 7 од истиот закон, во постапката за обезбедување соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка и одредбите од Законот за извршување, ако со овој закон поинаку не е определено.
Според член 30 став 1 од истиот закон, во случај кога не е поведена парнична или друга судска постапка, за одлучување по предлог за обезбедување со привремена мерка и за спроведување на привремена мерка, месно надлежен е судот што би одлучувал во парничната постапка. Во ставот 2 од истиот член е пропишано дека ако е поведена постапка по предлог за обезбедување со привремена мерка и за спроведување на таа привремена мерка, месно надлежен е судот пред кој е поведена постапка.
Согласно член 1 став 1 од Законот за извршување (Сл. весник на РМ бр. 72/2016, бр. 142/2016, бр. 233/2018 и Сл. весник на РСМ бр. 14/2020), со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.
Согласно член 2 од истиот закон, основа за извршување претставува извршна исправа (став 1). Извршувањето започнува по барање од доверителот(став 2).
Согласно член 12 став 1 точка 1 од истиот закон, извршни исправи се извршна судска одлука и судско порамнување.
Според член 230 став 1 од истиот закон, ако според извршната исправа должникот е должен да стори определено дејствие кое наместо него не може да го стори друго лице, извршителот со налог за извршување ќе му остави на должникот рок потребен за исполнување на обврската.
Поаѓајќи од наведените одредби, кога од судот е донесено решение со кое е усвоен предлогот за обезбедување на побарување со привремена мерка, а доверителот поднел барање за спроведување и извршување на дејствијата утврдени со донесените правосилни и извршни судски одлуки, станува збор за спроведување на присилно извршување на извршна судска одлука. Имено, во ситуација кога треба да се превземат конкретни дејствија за спроведување на решението, таквите извршувања ќе ги спроведе надлежниот извршител според одредбите на Законот за извршување.
ВРХОВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА