/ Прочитано:

5.813

Правно мислење на Врховниот суд за награда за правна помош на адвокат во спорови за промена на издршка

Врховниот суд на Република Северна Македонија – Одделот за граѓански дела, согласно член 33 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија и член 68 став 5 од Судскиот деловник, на ден 23.11.2022 година, го утврди следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Во споровите за промена на висина на издршката, наградата за дадена правна помош од адвокат ќе се определува согласно член 8 став 1 точка 7 од Адвокатската тарифа.

Образложение

До Врховниот суд на Рeпублика Северна Македонија – Одделот за граѓански дела, а заради воедначување на судската пракса во примената на законите од страна на Апелационите судови на територијата на Рeпублика Северна Македонија, доставено е барање за донесување на правно мислење по следното прашање:

На која основица треба да се пресметуваат трошоците на постапката во спорови за издршка.

Имено, за конкретното правно прашање било расправано на работната средба на Граѓанските оддели на сите Апелациони судови на 06.10.2021 година, но не бил усвоен заклучок.

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Рeпублика Северна Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање, го утврди правното мислење поради следните причини:

Согласно член 194 од Законот за семејството, при утврдување на потребата од издржување на лицето, судот ќе ја земе во предвид неговата имотна состојба, способноста за работа, можноста за вработување, здравствената положба, како и другите околности од кои зависи оцената за неговите потреби.

Во ставот 2 од истиот член, е определено дека кога издршката се определува за дете судот ќе ја земе во предвид и возраста на детето, како и по потребите за неговото школување.

Според членот 194 став 3 од Законот за семејството, при утврдување на можносите на лицето кое е должно да дава издржување, судот ќе ги земе предвид сите негови приходи и вистинските можности за стекнување на заработка и неговите сопствени потреби и законски обврски по основ на издржувањето спрема други лица.

Согласно член 201 од истиот Закон, заинтересираното лице може да бара судот да го зголеми, да го намали или да го укине издржувањето досудено со поранешна правосилна пресуда, ако се измениле околностите врз основа на кои е донесена пресудата.

Согласно член 8 став 1 точка 7 од Тарифата за награда и надоместок на трошоци за работа на адвокатите, во постапка за развод на брак и други спорови од семејни односи, наградата изнесува 7.000, 00 денари.

При одлучување по тужба за промена на висината на издржувањето, судот утврдува дали се изменети околностите од членот 194 од Законот за семејство врз основа на кои е донесена пресудата, кое нешто упатува на заклучок дека се работи за спор од семејни односи, иако предмет на тужбено барање е промена на висина на издржувањето која е определена во паричен износ. Издржувањето на членовите на семејството и другите роднини е нивно право и должност при што определувањето на издршката и нејзината промена нема третман на парично побарување кое произлегува од должничко-доверителски однос, туку претставува важен институт во семејното право.

Во споровите за менување на висината на издршката согласно членот 201 од Законот за семејство, наградата за застапување од адвокат ќе се определи согласно член 8 став 1 точка 7 од Тарифата, како за спорови од семејни односи.

Со оглед на наведеното, следуваше да се донесе погоренаведеното правно мислење

 

ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА