/ Прочитано:

2.651

Правно мислење на Врховниот суд за определување друг стварно надлежен суд

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 12.07.2022 година, согласно член 28 и член 32 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија, го усвои следното:

П Р А В Н О   М И С Л Е Њ Е

Не постои важна причина за определување на друг стварно надлежен суд, ако странката, законскиот застапник или полномошникот на странката е роднина по крв во права линија на претседателот на судот.

О б р а з л о ж е н и е

Врховниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по конкретен предмет оформен по предлог за определување на друг стварно надлежен суд, заклучи дека заради обезбедување на единствена примена на законот има потреба Одделот за граѓански дела на судот да расправа по правното прашање, дали постои важна причина за определување на друг стварно надлежен суд, ако странката, законскиот застапник или полномошникот на странката е роднина по крв во права линија на претседателот на судот.

Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлучувајќи по поставеното правно прашање, ја примени одредбата од член 61 од Законот за парничната постапка и член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права.

Според член 61 од Законот за парничната постапка (Службен весник на РМ бр. 9/2005….124/2015), Врховниот суд на Република Македонија може, по предлог од странката или од надлежниот суд, да определи во одделен предмет да постапува друг стварно надлежен суд, ако е очигледно дека така полесно ќе се спроведе постапката или ако за тоа постојат други важни причини.

Единствена причина поради која е поднесен предлогот, е да се избегне сомневањето во објективноста и непристрасноста при одлучувањето на судиите на тој суд, а со оглед на фактот дека во конкретен предмет, странката, законскиот застапник или полномошникот на странката е роднина по крв во права линија на претседателот на судот. Имајќи ги предвид уставните и законските одредби според кои судијата во вршењето на судиската функција е самостоен и независен, а правото го применува непристрасно, според Врховниот суд на Република Северна Македонија, ваквата околност сама по себе не претставува релевантна причина и основ за определување на друг стварно надлежен суд и основ за примена на членот 61 од Законот за парничната постапка.

Согласно член 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, секој при определување на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично и непристрасно судење.

Предлогот за определување на друг стварно надлежен суд во постапката, е неоснован и неиздржан и од аспект на становиштата и праксата на Европскиот суд за човекови права.

Генералната, воопштена констатација на постоење на оправдан сомнеж во непристрасност во постапувањето на сите судии на еден суд, поради тоа што странката, законскиот застапник или полномошникот на странката е роднина по крв во права линија на претседателот на судот, според Врховниот суд на РСМ, не е доволно конкретизирана. Пред се, новоформираните предмети во судот, согласно Законот за судовите и Судскиот деловник, се распределуваат преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети, што значи дека претседателот на судот не може да влијае на изборот на судијата кој ќе постапува по конкретен предмет. Потоа, во ситуација кога претседателот на судот не постапува по конкретниот предмет, а е роднина по крв во права линија со странка, односно полномошник на странка во предметот, се цени степенот на влијание и притисок кој претседателот на судот може да го изврши врз судијата кој одлучува по предметот. Според член 88 од Законот за судовите, кој ги регулира надлежностите на претседателот на судот, истиот го претставува судот, ја организира работата, презема мерки заради навремено и уредно вршење на работите во судот и ја обезбедува примената на Судскиот деловник, од што може да се заклучи дека не постои хиерархиска поставеност на претседателот на судот во однос на извршувањето на судиската функција од страна на судиите. Во отсуство на било какви превземени дејствија од страна на претседателот на судот кои би можеле да се сметаат дека се врши влијание врз судиите во судот, поврзаноста на претседателот на судот со некоја од странките во предметот или нивни полномошник, не е доволна за да се предизвика објективно оправдан страв во поглед на непристрасноста на сите судии од надлежниот суд, непосредна закана или ризик кој би довел до неправичност на предметната постапка, па не би можела да се смета за објективно оправдана во смисла на членот 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права, кој нужно би требал да има за последица целосно отстранување на таквиот страв или ризик преку определување на сосема друг стварно надлежен суд.

Од сето понапред изнесено, следуваше да биде усвоено правното мислење.

ВРХОВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА