/ Прочитано:

3.420

Правно мислење на Врховниот суд за судир на надлежност помеѓу основен и управен суд за разрешување на директор на установа

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 12.07.2022 година, согласно член 28 и 32 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија, го усвои следното:

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Во спорови за разрешување на директор на Установа, стварно надлежен е Управниот суд.

О б р а з л о ж е н и е

Согласно член 3 став 1 точка 5 од Законот за управните спорови („Сл. весник на РСМ бр. 96/2019), во управен спор судот одлучува за законитоста на конечните поединечни акти со кои се одлучува за избор, именување и разрешување на носители на јавни функции донесени од Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, како и органите на единиците на локална самоуправа.

Според член 4 став 1 точка 8 од Законот за управните спорови, „управен договор“ е двостран правен акт склучен помеѓу јавен орган и физичко или правно лице чиј предмет е вршење на јавна служба или пружање јавни услуги на граѓаните од надлежност на јавниот орган. Управни договори се концесиските договори, договорите за јавни набавки кои се од јавен интерес, договорите за вршење јавна служба, договорите за изведување јавни работи или вршење јавни услуги од надлежност на јавниот орган и други договори кои според содржината на предметот судот ќе ги определи како управни договори.

Според член 2 точка 24 од Законот за установите („Сл. весник на РМ“ бр. 32/05…99/22), управен договор е двостран правен акт од јавно-правен карактер кој се склучува помеѓу надлежното Министерство и основачот на управата односно физичкото лице, која дејност ја врши како професионална дејност.

Според член 25 став 4 од Законот за установите, споровите што настануваат од одредбите на управниот договор ги решава надлежниот суд согласно Законот за управни спорови.

Согласно член 45 став 1 од Законот за установите, основачот може со актот за основање на установата да предвиди директор на установата (еден или повеќе) да се именува од членовите на органот на управување. Согласно ставот 2 од истиот член, основачот може со акт за основање на установата да предвиди да не се формира орган на управување, или управувањето да го врши директор за чиј избор се распишува отворен повик, согласно член 46 од овој закон. Согласно ставот 3 од истиот член, основачот може со актот за основање на установата да предвиди директор на установата да се именува врз основа на јавен конкурс. Според ставот 4 од истиот член, основачот со директорот од ставот 2 на овој член, склучува менаџерски договор кој има карактер на управен договор.

Со член 47 став 3 од Законот за установите е определено дека споровите што настануваат од одредбите на менаџерскиот договор ги решава надлежниот суд.

Според член 31-а став 1 од Законот за културата („Службен весник на РМ“ бр. 31/98… 11/2018,), Министерството за култура, во рок од 15 дена од денот на изборот на директорот, со директорот на националната установа склучува менаџерски договор со кој се регулираат правата и обврските на Министерството за култура и на директорот (во натамошниот текст: менаџерскиот договор).

Согласно член 30 став 2 точка 9, од Законот за судовите („Сл. весник на РМ“ бр. 58/06. . .96/19), основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен по граѓански спорови, и тоа за работни односи.

Во случај кога тужбено барање се однесува на поништување на решение за разрешување од должноста директор на национална установа, станува збор за поништување на решение кое претставува поеднечен акт на Министерството со кое се разрешува носител на јавна функција. Изборот, именувањето и разрешувањето на носител на јавна функција извршено од Собранието, Претседателот и Владата на Република Северна Македонија спротивно на законските услови на одредено лице може да претставува повреда на право, обврска или правен интерес на избраното, именуваното и разрешеното лице или друго лице.

Поаѓајќи од напред наведените одредби со кои е предвидено дека за управните договори  надлежен е Управниот суд и се одлучува според Законот за управните спорови, како и дека решението за разрешување на носител на јавна функција е поединечен акт на Министерството, овој суд утврди дека во спорови за разрешување на директор на Установа, стварно надлежен е Управниот суд.

Од изложеното, Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија го усвои и го утврди ова правно мислење.

 

ВРХОВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА