/ Прочитано:

1.946

Правно мислење за предлогот за додавање графа за етничка припадност во личните карти

Хелсиншкиот комитет за човекови права подготви правен осврт и мислење во однос на предлогот за додавање графа за етничка припадност во личните карти на граѓаните.

Актуелната јавна дебата по предлог-измените на Законот за личната карта, со кои се предвидува внесување на етничката припадност на граѓаните во личните карти, отвори значајни прашања од општествен, уставен и интеграциски карактер. Имено, видно од членот 1 на постоечкиот закон, личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството и адресата на граѓанинот. Оттаму, внесувањето графа за етничка припадност го редефинира значењето на личната карта со тоа што го подрива граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот и ја предизвикува интеграцијата на државата во Европската Унија поради тоа што ниту една земја членка на Унијата нема воспоставено ваква практика, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Споредувајќи ги податоците во личните карти на граѓаните државјани на 134 држави во светот, компаративните искуства укажуваат на негативните импликации на внесувањето етничка или религиска припадност во личните карти. Поради ова, повеќе држави во годините наназад или целосно го напуштија овој пристап, или го направија опционално внесувањето на етничката припадност во личните карти, односно оставија на граѓаните да одлучат дали етничката припадност ќе биде внесена во нивната лична карта. Сепак, имајќи ја предвид стратешката определба на Република Северна Македонија за полноправно членство во Европската Унија, повторно е потребно да се нотира фактот дека ниту една земја членка не предвидела внесување на етничката припадност во личните карти на нејзините граѓани.

Конечно,  во насока на доследно почитување и исполнување на темелната уставна вредност за соодветната и правична застапеност на граѓаните во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, македонското општество на располагање има низа начини за подобрување на состојбите, кои треба да започнат од образованието, економијата и социјалната политика, а без притоа да се задира во уставната темелна вредност на слободното изразување на националната, односно етничка припадност, се вели во правниот осврт на Комитетот, кој во целост може да се преземе на следниот линк.

Предлог-законот за личната карта за усогласување со Законот за употреба на јазиците

М.В