/ Прочитано:

1.738

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ НА ВРХОВНИОТ СУД: Изјава на обвинет за откажување на некое од правата од член 206 став 1 од ЗКП

Четврток, 5 февруари 2015 – Кривичниот оддел на  Основниот суд Струмица до Врховниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за правно мислење заради обезбедување единство во примена на законите од судовите и воедначување на судската практика и тоа во однос на примената на одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка.

Одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Македонија, врз основа на член 68 од Судскиот деловник (“Службен весник на РМ” бр.66/13 од 09.05.2013 година), како и членовите 31, 34, 37, 38, 39 и 41 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.13/98, 21/09), на седницата одржана на ден 21.01.2015 година, донесе:

 ПРАВНО МИСЛЕЊЕ

Одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на РМ” бр.150/10 и 100/12) во која е предвидена обврска изјавата на обвинетиот за откажувањето од некое од правата од член 206 став 1 да биде потпишана од него, не се однесува и на испитувањето на обвинетиот на главна расправа.

О б р а з л о ж е н и е

До Врховниот суд на Република Македонија, кривичниот оддел на Основниот суд Струмица поднесе иницијатива за правно мислење заради обезбедување единство во примена на законите од судовите и воедначување на судската практика и тоа во однос на примената на одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка. Имено, во наведената одредба е предвидено дека обвинетиот може доброволно да се откаже од некое од правата од став 1 на член 206 од Законот за кривичната постапка, но неговото испитување не може да започне доколку изјавата за откажувањето не се забележи писмено и додека не биде потпишана од него.

 Спорното прашање што го иницира кривичниот оддел на Основниот суд Струмица е дали предвиденото во одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка се однесува и на записникот за главната расправа.

 Во иницијативата, понатаму, се образложува дека мислењето на кривичниот оддел на Основниот суд Струмица е дека одредбата од член 206 став 2 од ЗКП се однесува на испитувањето на обвинетиот пред Јавниот обвинител, а не на испитувањето на главна расправа. Ова особено што судовите во Република Македонија поради немање на технички услови засега не можат доследно да ги применуваат одредбите од член 374 и 375 од Законот за кривичната постапка и се води писмен записник. Имајќи предвид дека најголемиот број предмети се водат според одредбите на скратената постапка, каде одбраната не е задолжителна и обвинетите не ангажираат бранител, голем дел од обвинетите чиј мајчин јазик е различен од македонскиот изјавуваат дека нема да го користат правото на преведувач, па постапката продолжува без да се примени одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривчната постапка, односно обвинетите не го потпишуваат делот од записникот дека не бараат преведувач и не ангажираат бранител. Меѓутоа, спротивно на оваа оцена и став, Апелациониот суд Штип има поинакво мислење. Имено, Апелациониот суд Штип во жалбена постапка, по службена должност, значи, во отсуство на жалбени наводи од странките ги укинува ваквите пресуди заради суштествена повреда на член 415 став 1 точка 8 од Законот за кривичната постапка, констатирајќи дека погрешно е применет член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка, бидејќи обвинетиот бил испитуван без претходно да ја потпише изјавата дадена на записник дека доброволно се откажува од правата предвидени во член 206 став 1 точка 1 до 7 од Законот за кривичната постапка.

Одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Македонија закажа и одржа повеќе седници на кои ја разгледа иницијативата. На една од седниците присуствуваше и д-р Гордан Калајџиев, редовен професор на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје и Претседател на Комисијата за подготовка, а актуелно и за измени и дополнувања на новиот Закон за кривична постапка. Воедно, побара од апелационите судови Скопје, Битола, Штип и Гостивар да достават пресуди со кои по службена должност првостепените пресуди се укинати, предметите вратени на повторно судење, заради погрешна примена на член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка, доколку има такви.

Од добиените известувања од апелационите судови, се утврди дека единствено Апелациониот суд Штип носи пресуди со кои по службена должност првостепените пресуди ги укинува и предметите ги враќа на повторно судење, со констатација дека е погрешно применет член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка.

 На одржаната седница, а по добиените известувања од апелационите судови Скопје, Битола, Штип и Гостивар и по спроведената расправа, Одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Македонија констатира дека одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка во која е предвидена обврска изјавата на обвинетиот за откажување од некое од правата од член 206 став 1 да биде потпишана од него, не се однесува и на испитувањето на обвинетиот на главна расправа.

 Новиот Закон за кривична постапка системски и номотехнички е конципиран според фазата во која се одвива преземањето на дејствијата по оддели, глави, како и по наслов на членовите, па во овој контекст треба да се пристапи кон соодветно толкување.

 Системски, одредбите за испитување на обвинетиот и на сведоците се предвидени во глава XVIII или во фаза на претходна постапка и во еден дел уредуваат општи прашања за најчесто користените доказни средства. Во другиот дел пак, се така уредени и се однесуваат на начинот на испитување на обвинетиот, односно осомничениот во претходната постапка. Во суштина, се работи за изменети одредби од одредбите што во стариот Закон за кривична постапка се однесуваа на истрагата. Од друга страна, пак, одредбите за посебниот начин на испитување на обвинетиот и сведоците, на главната расправа се детално уредени во посебна глава XXIV од Законот за кривичната постапка. Во оваа смисла, посебно се јасни членовите 380 и 391 од Законот за кривичната постапка.

 Според ова, предвиденото во одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка, не може и не имплицира дека се однесува и на испитувањето на обвинетиот на главната расправа. Ова од причини што предвиденото во одредбата од член 206 став 2 од Законот за кривичната постапка, не може да се третира само за себе, изолирано и независно од интегралниот концепт на Законот за кривичната постапка. Имено во услови на акцентирана, инситуционално зајакната улога на Јавниот обвинител според новиот концепт на Законот за кривичната постапка нема сомнение дека овие одредби се однесуваат на испитувањата на обвинетиот во текот на претходната постапка пред Јавниот обвинител или во полиција во присуство на Јавниот обвинител, односно во посебни, деликатни услови, во услови на отсуство на јавност, а неретко и целосна екскомуникација со надворешниот свет, кога сензитивноста на правата на обвинетиот, односно осомничениот достигнуваат повисоко ниво. Такви гаранции во споредбеното право не се предвидуваат за фазата на судењето кое е јавно и транспарентно, поради што се смета дека овој тип на дополнителни гаранции не се потребни. Впрочем, ова е цел и на најновата директива 2012/13/ЕУ на Европски парламент и на Советот од 22.05.2012 година, за правото на информираност во кривичната постапка, во која помеѓу другото е пропишано дека заради обезбедување практично и ефективно остварување на правата на информираност во кривичната постапка, информацијата треба да биде дадена неодложно во текот на постапките и најдоцна пред првото официјално сослушување на осомниченото или обвинетото лице од полицијата или од друг надлежен орган. Откако информацијата за одредено право еднаш е дадена од надлежните органи не треба да се бара да се повторува таа информација, освен ако тоа не го бараат посебните околности на случајот или посебни правила утврдени во националното право.

M.В / veljanoskim@akademik.mk