ПРАВНО МИСЛЕЊЕ НА ВРХОВНИОТ СУД: Застареност на побарувањето на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во стечајна постапка
Врховниот суд на Република Македонија донесе и објави правно мислење во врска со застареноста на побарувањето на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во стечајната постапка на стечаен должник како обврзник за пресметка и уплата на придонесите.
Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по правните прашања од интерес за единствена примена на правото и воедначување на судската практика, на седница одржана на ден 26.09.2016 година, го донесе следново:
ПРАВНО МИСЛЕЊЕ
Побарувањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во стечајната постапка на стечаен должник како обврзник за пресметка и уплата на придонесите, застарува според прописите за даноците на граѓаните кои го уредуваат застарувањето на утврдување на данок и споредните даночни давачки и нивната наплата.
О б р а з л о ж е н и е
Врховниот суд на Република Македонија одлучувајќи во постапка по ревизија констатираше невоедначена судска практика кај пониските судови по правното прашање кое се однесува на тоа дали побарувањата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на неплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување од работодавачите, правни лица, пријавени во отворената стечајна постапка над работодавачите, застаруваат или не можат да застарат.
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по поставеното правно прашање заради воедначување на судската практика, го утврди правното мислење поради следниве причини:
Според член 6 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со неговите измени во „Службен весник на РМ број 80/93…153/2007, правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат, освен пристигнатите, а неисплатени износи на пензии и други парични примања во случаите утврдени со овој закон.
Според член 182 од истиот закон, обврзници за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување се работодавачите за своите работници. Според член 183 од истиот закон, уплатата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од плата, обврзниците ја вршат кај носители на платен промет. Обврската за плаќање на придонесот пристигнува на денот на подигање на средствата за плата, а ако платата не е исплатена, последниот ден во месецот за претходниот месец.
Според став 4 од истиот член, обврзниците се должни придонесот од пензиско и инвалидско осигурување да го пресметуваат и уплатуваат месечно, поединечно за секој осигуреник врз основа на основиците утврдени според член 180 на овој закон за соодветниот месец и податоците за пресметаната плата и придонеси да ги доставуваат до Фондот најдоцна до 8-ми во тековниот за претходниот месец. Месечната пресметка за висината на придонесот ја контролира и потврдува фондот пред обврзникот да изврши уплата на придонесот кај носителот на платниот промет.
Податоците од став 4 обврзникот е должен да ги достави во фондот по електронски пат, на начин и постапка пропишана со акт на фондот. Според член 184 од истиот закон, за осигурениците кои навремено не се пријавиле во пензиското и инвалидското осигурување или нецелосно или ненавремено не го плаќале придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, на износот на придонесот што не е платен во рокот утврден со член 183 став 2 на овој закон, се плаќа камата во висина од 0,05 % (0,03% со измена од 20.12.2007 година) за секој ден задоцнување.
Според член 185 од истиот закон, Фондот врши контрола во евиденцијата за пресметување и уплатување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување кај обврзниците за плаќање на придонесот. Според член 185-ѓ од истиот закон, од извршената контрола овластениот работник составува записник, еден примерок од записникот се доставува до обврзникот во рок од 8 дена од извршената контрола.
Обврзникот има право да поднесе приговор на записникот од контролата. Според член 185-е од истиот закон, ако со контролата се утврди дека обврзникот не пресметал, неправилно ги пресметал или не ги уплатил придонесите за пензиско и инвалидско осигурување со решение се наложува плаќање на пристигнатиот придонес и пресметаната камата. Решението по кое не е извршено плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и пресметаната камата има сила на извршна исправа.
Според член 185-ж од истиот закон, против решението обврзникот може да изјави жалба до Комисијата на Владата на РМ за решавање во втор степен по предметите од пензиското и инвалидското осигурување и за наплатата на придонесот. Жалбата не го одлага извршувањето на решението. Против решението на Комисијата, може да се поведе управен спор.
Според член 185-з од истиот закон, обврзникот кој во определениот рок доброволно не ги платил обврските со решението за наплата на придонесот, Фондот по присилен пат ќе го наплати придонесот согласно со одредбите од Законот за платен промет. Со член 11 од Законот за трансформација на Заводот за платен промет (Службен весник на РМ број 32/2001), наплатата на придонесите од плати за сметка на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Министерството за здравство – Фонд за здравствено осигурување на Република Македонија и Заводот за вработување на Република Македонија од Заводот се префрлаат на Министерството за финансии – Управа за јавни приходи, со пренесување на жиро-сметките во банките.
Од содржината на цитираните законски одредби произлегува дека во случај кога обврзникот не пресметал, неправилно ги пресметал или не ги уплатил придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, со решение од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се наложува плаќање на пристигнатите придонеси и пресметаната камата. Решението по кое не е извршено плаќање на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување и пресметаната камата има сила на извршна исправа и против правосилното решение донесено во втор степен, може да се поднесе тужба за управен спор. Обврзникот кој во определениот рок доброволно нема да ги плати обврските по решението за наплата на придонесите, Фондот по присилен пат ќе ги наплати придонесите. Наплатата на неисплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување се врши преку Управата за јавни приходи.
Во законите со кои е уредена наплатата на јавните приходи, Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, а потоа Законот за даночна постапка со нивните измени, предвидено е застарување на правото на утврдување и застарување на наплатата на данок. Од содржината на законските одредби произлегува и дека Фондот за ПИО за наплата на побарувања за пензиско и инвалидско осигурување спрема работодавачите треба да води управна постапка, но со оглед дека во конкретните случаи утврдувањето на придонесите од страна на тужителот Фонд за ПИО е сторено по отворањето на стечајната постапка над работодавачите, овие побарувања Фондот за ПИО ги пријавува како побарувања во отворената стечајна постапка над работодавачите.
Во конкретните случаи, овие побарувања се оспорени поради застареност од страна на работодавачите кои се стечајни должници над кои е отворена стечајна постапка, така што Фондот поведува постапки за утврдување на оспорените побарувања. Aко се има предвид дека Законот за пензиското и инвалидското осигурување упатува наплатата на придонесите за ПИО кои се утврдени со решение на Фондот за ПИО да се врши преку Управата за јавни приходи, произлегува и дека правилата кои се предвидени во однос на застарувањето на правото на утврдување и застарување на наплатата на данок да се применуваат и врз застарувањето на утврдувањето и наплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. Оттука, според Врховниот суд на Република Македонија, побарувањата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во стечајната постапка на стечаен должник како обврзник за пресметка и уплата на придонесите, застаруваат според прописите за даноците на граѓаните кои го уредуваат застарувањето на утврдување данок и споредните даночни давачки и нивната наплата, а нивната доспеаност треба да се засметува според Законот за пензиското и инвалидското осигурување како lex specialis кој уредува кога пристигнува обврската за плаќање на придонесот.
М.В