/ Прочитано:

960

Правосудството во Националната стратегија за спречување на корупцијата

Правосудството е клучен сектор за владеење на правото. Од аспект на оваа стратегија, овој сектор ги опфаќа сите институции со надлежност да процесираат постапки и да одлучуваат по нив – обвинителствата, државниот правобранител, судовите, како и други релевантни тела, се вели во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, која се наоѓа пред пратениците.

Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, Академијата за судии и јавни обвинители. Судската власт, согласно Уставот и законот, се карактеризира со независност. Надлежно министерство кое ги предлага законите во оваа област, се посочува во Стратегијата, е Министерството за правда, кое има надлежност и во организацијата и следењето на правосудната управа.

Приоритетни проблеми во секторот правосудство се:

1) Недоволно ефикасен систем за јакнење на интегритетот во судството и јавното обвинителство;

2) Недоволни материјални и кадровски ресурси, отсуство на автоматизиран систем за распределба и следење на предметите во јавното обвинителство и недоволна транспарентност во работата на Советот на јавните обвинители;

3) Недоволна ефикасност и транспарентност во работата на Државното правобранителство

Со донесувањето на новиот Закон за Судски совет и измените на Законот за судовите, воспоставена е солидна основа за следење на работата на судиите и прашањето за нивната одговорност.

Меѓутоа, се вели во Стратегијата, недостасува ефикасен систем за јакнење на интегритетот на човечкиот фактор во правосудството преку афирмација и примена на кодексите за професионално однесување. Овие кодекси генерално воспоставуваат задоволителна рамка за стандардите на професионално однесување на судиите и јавните обвинители, меѓутоа истите не се пропратени со соодветни примери и коментари, кои би ја олесниле нивната примена. Од друга страна, пак, Законот за јавното обвинителство не содржи одредби кои го уредуваат начинот на донесување на етичкиот кодекс, што предизвикува дилеми при неговото изготвување и донесување.

Потребно е дополнување на кодексите за професионално однесување на судиите и на јавните обвинители со коментари и примери, како и дополнување на Законот за јавното обвинителство со одредби кои го дефинираат Кодексот на јавните обвинители и начинот на неговото донесување. Исто така, потребно е спроведување на задолжителни обуки за судиите и јавните обвинители заради имплементација на кодексите за професионално однесување.

Зголемената надлежност на обвинителството во делот на водење на истражна постапка не беше проследена со соодветна материјално-техничка и кадровска логистика. Сè уште не се оформени истражните центри предвидени во ЗКП, со што јавното обвинителство и натаму е силно зависно од поддршката на Министерството за внатрешни работи.

Потребно е, се образложува во Стратегијата,  зголемување на капацитетите и ресурсите на јавнообвинителскиот систем, кадровско екипирање на јавните обвинителства согласно постојните систематизации на работните места, формирање на истражните центри, како и воспоставување на автоматизиран систем за распределба и следење на предметите во јавното обвинителство.

Недоволната ефикасност и транспарентност во работењето е проблем и кај Државното правобранителство и потребно е донесување на ново законско  решение со кое ќе се надминат претходно наведените проблеми во функционирањето на Државното правобранителство.

М.В