„Правото, а особено адвокатурата е креативна професија за оние кои го сакаат и го владеат правото“ – Кристијан Поленак, адвокат
За љубовта кон правото разговараме со адвокатот Кристијан Поленак.
Како се јави кај вас љубовта кон правото?
Веројатно секој од нас носи во себе дел од семејните вредности, кои свесно или несвесно го определуваат патот на секоја индивидуа. Растејќи во семејство во кое правната професија е повеќегенерациска определба, за мене правото беше „природна средина“ во која растев и се развивав. Особено влијание на мене имаше непосредното посведочување на слободната професија – адвокат, во која мојот татко беше препознаен и признат во општеството.
Отсекогаш сум сакал да работам надвор од строго формализираната работна атмосфера. Како што развојот на денешните општества веќе докажа, креативноста не дозволува строги граници. А правото, особено адвокатурата е креативна професија за оние кои го сакаат и го владеат правото.
И како што често се посочува, човекот е најдобар во тоа што го сака. Оттука, го завршив правниот факултет за 3,5 години, во време на големите промени во нашето општество, при што љубовта кон професијата дополнително ми ја зацврстија неколкумина од тогаш маркантните професори, како и честите дискусии со моите пријатели и колеги на тогаш актуелните општествени теми.
Поминав една година во тогашниот Општински суд Скопје 1 како волонтер и учев од некои од најдобрите судии во повеќе области на правораздавањето, па љубовта кон правото еволуираше во љубов кон правосудството. Истовремено, со работата на делови од корпоративното право, кое беше на самиот почеток на својот развој, како и со комуникацијата со големи меѓународни корпорации и банки ми се отвори прозорецот на сознание за делот од правото на кој и денес посветувам време со љубов – аквизициите и финансискиот сектор.
Оттогаш ниту еднаш не сум почувствувал дилема или сомнеж во мојата професионална определба, туку напротив со секој нов ангажман добивам доза на адреналин и чувствувам предизвик како и при првите чекори пред повеќе од 25 години.
Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?
Дефинитивно! Работење во која било професија без љубов предизвикува човек да се чувствува празно, неисполнето, загубено… Затоа би препорачал секој млад човек да ја одбере професијата што ја чувствува за блиска, која го мотивира и го инспирира. Доколку таквото чувство е кон правото, младиот човек не смее да се согласи со социјалните догми дека правото е здодевна и монотона професија, туку цврсто да верува во тоа што го сака.
Во таа насока, кои се вашите совети за идните генерации правници?
Основниот совет кој би му го дал на секој млад правник е да го отвори умот. Правото е мултидисциплинарна професија. Добриот адвокат, добриот судија, добриот обвинител треба да ги знае и основите на психологијата, на финансиско работење, на медицината… За жал, денешниот разводнет образовен процес не дава доволно можности за формирање на целосен професионалец во кој било дел од правото, па личната амбиција и желба треба да се насочат кон надградба на основните знаења стекнати во формалното образование.
Оттука, младиот правник треба да ги шири своите знаења надвор од учебниците понудени од курикулумот, да се интересира за општествените збиднувања, да дискутира со своите колеги за правото и за неговата примена, да споредува и основано да критикува. Како што споменав, правото е креативна професија која може да се развива само доколку младите правници гледаат „преку ѕидот“ и надвор од границите на едно, за жал, мало и недоволно развиено општество. Само така можат да остават свој белег и да придонесат, што пак ќе им донесе професионална сатисфакција и чувство на лична исполнетост.
- „Бидете правници со интегритет!“ – Александра Груевска-Дракулевски, професор и продекан за настава на „Јустинијан Први“
- Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска
- Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“
- „Никогаш не предавајте се затоа што промената почнува од вас самите“ – Дитурие Елези-Незири, судијка во Управниот суд
- „Сите знаења на правниците треба да бидат употребени за подобрување на правната држава“ – Андреј Божиновски, правен советник
- „Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат
- „Без бескрајната љубов кон правото и кон адвокатурата невозможно е да се издржат сите притисоци“ – Петар Трајковски, адвокат
- „Љубовта кон правото нѐ прави истрајни дека правото ќе надвладее“ – Рамије Абдурахими-Цара, судијка во Управниот суд
- „Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик
- Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“
- Наташа Габер-Дамјановска за љубовта кон правото: Привлечност на предизвикот да се изнајде адекватно правно решение