/ Прочитано:

1.791

Правото е силно само тогаш кога сите се еднакви пред законот, порачаа експертите на конференцијата за владеење на правото

Вчера и денеска во Скопје се одржа меѓународниот настан „Владеење на правото: Каде се движиме“, кој  ги обединува претставниците на научната заедница, тинк-тенк организациите, граѓанскиот сектор, како и оние што ги креираат политиките, со цел утврдување на состојбата за тоа до каде сме денес со владеењето на правото во Европа. Меѓународниот настан е во организација на Центарот за економски анализи и CEPS.

Правото може да ја има силата само тогаш кога сите ќе бидат еднакви пред законот. Во спротивно, се случува да биде доволно само да станеме посилни и како такви да се избориме силата да биде правото. Во такви случаи се појавуваат девијации какви што имаше во Република Македонија, истакна претседателот на Центарот за економски анализи, Марјан Николов на меѓународната конференција.

Во изминатите 15 години, посочи Николов, Центарот за економски анализи заедно со CEPS од Брисел дојде до заклучок дека економијата не може да се издвои од правото. Да се зборува само за економија, за раст на БДП и за економски развој не е доволно ако не се вклучат во интелектуалната анализа и институциите.

„Ако ние сметаме дека владеењето на правото треба да биде на ниво на сила, тогаш секој ќе сака да има претставник во Владата. Ако бизнис заедницата сака да има претставник во Владата на РМ, тогаш се поставува прашањето кого го претставува Владата ако од бизнисот таму има претставник. Се поставува и прашањето дали нема да биде вулгарно секоја група и клиент во РМ да почнат да бараат свој претставник во Владата, бидејќи едноставно е изгубен кредибилитетот на таа влада“, истакнува Николов.

„Отвореноста на институциите мора да се случи. Заробените институции мора да се ослободат и да им се врати повторно улогата што ја имаат, да бидат сервис на граѓаните. Таа нивна улога се испреврте со тоа што тие се однесуваа како граѓаните да постојат за нив, а не обратно“, смета Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ.

Во однос на владеењето на правото,  смета поранешната судијка во Европскиот суд за човековите права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, земјава не се движи напред. Она што е важно, додава судијката, е да се каже дека не одиме и наназад и оти идеите се да се движиме напред.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, владеењето на правото е клучен предуслов доколку сакаме да имаме добра економија, економски раст и развој. Прво, смета министерот, треба да се има предвидливост кога се носат законите.

„Претходното искуство говори дека многу честото, брзо и непредвидливо носење на законите им создаваше проблеми на учесниците во економијата. Тоа новата Влада веднаш на почетокот настојува да го промени кога се носат важни измени на закони. Законите мора да важат за сите подеднакво, независно од политичката партија, богатството или врските со некои кругови или поединци“, нагласи Тевдовски.

На меѓународната конференција, министерот Тевдовски образложи дека за инвеститорите е најважна стабилноста, односно да знаат дека правилата на игра важат за сите. Ако сакаме да имаме кредибилни инвеститори, истакна Тевдовски, мора да имаме правила кои ќе важат за сите еднакво и многу е важно домашното законодавство да се приспособи на европското, доколку сакаме да имаме повеќе инвеститори од земјите од ЕУ.

Центарот за економски анализи (ЦЕА) е истражувачки центар составен од економисти кои делат заедничка визија за Република Македонија како нова европска економија во подем, интегрирана со регионалните и светските пазари. ЦЕА е основана во март 2003 година. Главната мисија на ЦЕА е постојано да ги истражува економските случувања и јавната политика во Република Македонија и да понуди препораки, предлози и мерки на владините и невладините институции. Веруваме дека капацитетот на членовите на ЦЕА за квантитативна анализа и професионална работа резултира во професионална институција која ќе ја зајакне дебатата за јавни политики и ќе создаде економска средина за раст и развој на македонската економија.

М.В