/ Прочитано:

3.186

„Правото има метафизичка димензија која треба да се почувствува“ – Дарко Павловски, национален правен офицер во Мисијата на ОБСЕ во Скопје

За љубовта кон правото разговараме со Дарко Павловски, национален правен офицер во  Мисијата на ОБСЕ во Скопје

Како се јави кај вас љубовта кон правото? 

Веројатно се чини како клише доколку кажам дека љубовта кон правото кај мене се јави поради правдољубивоста која ја носам длабоко во себе. Се насмевнувам присетувајќи се како на училиште интуитивно реагирав на некои неправди, па од наставниците добивав укори дека не ни е потребен адвокат во училницата. Своевремено, во младоста се интересирав за меѓународни односи, дипломатија и новинарство. Со текот на времето, оваа ориентација кон општествените науки постепено се искристализира во определба да се занимавам со занает кој како алатка ќе ми помага за остварување на правда и системски промени во општеството. Па така, тука некаде се најде правото, како фасцинантна комбинација на доктрина, пракса, етика и логика. Затоа, може да заклучам дека мојата љубов кон правото се појави некако спонтано, ненаметливо, изникна од мојот вредносен систем и карактер и го трасираше мојот професионален и животен пат.

Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?

Несомнено! Љубовта е најважна во сѐ, па и во правото. Ништо не може да се направи како што треба, ако не се прави со љубов. Сметам дека и покрај стремежот за негова рационалност и објективност, правото во суштина се сведува на две субјективни, релативни работи: правда и вистина. Доколку ги зачиниме со љубов, добиваме правдољубивост и вистинољубивост, што според мене се основните состојки за добар правник. Едноставно, љубовта е оној внатрешен стремеж кој од правникот прави добар правник, а од правото пасија.

Во таа насока, кои се вашите совети за идните генерации правници?

Мислев дека ова прашање ќе ми биде најлесно, но испадна прилично тешко за одговор, веројатно, поради многуте современи предизвици за правото, правната професија и правната држава.

На идните правници би им порачал кон правото да пристапат со отворен ум и со отворено срце, со емоција и со интуиција. Правото не е само збир на правила, туку тоа си има свој дух, своевидна метафизичка димензија која треба да се почувствува, односно да се доживее. Идните генерации правници, исто така, би ги советувал да патуваат, да учат јазици, да ги предизвикуваат своите согледувања во контакт со различни луѓе од поинакви правно-политички култури и провениенции. Тоа ќе им помогне да навлезат во правниот феномен, да ја разберат вистинската моќ на правото, но и неговите објективни ограничувања. Со тоа, тие ќе се изградат како добри правници и како квалитетни личности, кои успешно ја извршуваат својата професија во животот.

„Правото, а особено адвокатурата е креативна професија за оние кои го сакаат и го владеат правото“ – Кристијан Поленак, адвокат

„Бидете правници со интегритет!“ – Александра Груевска-Дракулевски, професор и продекан за настава на „Јустинијан Први“

Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска

Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“

„Никогаш не предавајте се затоа што промената почнува од вас самите“ – Дитурие Елези-Незири, судијка во Управниот суд

„Сите знаења на правниците треба да бидат употребени за подобрување на правната држава“ – Андреј Божиновски, правен советник

„Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат

„Без бескрајната љубов кон правото и кон адвокатурата невозможно е да се издржат сите притисоци“ – Петар Трајковски, адвокат

„Љубовта кон правото нѐ прави истрајни дека правото ќе надвладее“ – Рамије Абдурахими-Цара, судијка во Управниот суд

„Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик

Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“

Наташа Габер-Дамјановска за љубовта кон правото: Привлечност на предизвикот да се изнајде адекватно правно решение  

Февруари во Академик